Поранешниот тренер на Јувентус и еден од најдобрите во клупската историја, Марчело Липи, изјави дека „старата дама“ треба да го продаде францускиот интернационалец Пол Погба и од тоа да заработи голема сума пари кои ќе послужат за нови засилувања.
Марчело Липи беше тренер на Јувентус во периодот од 2001 до 2004 година, а со самото негово доаѓање во клубот управата реши да го продаде најдобриот играч во светот во тоа време Зинедин Зидан за 75 милиони евра на Реал Мадрид.
Погба неодамна го продолжи договорот со Јувентус до 2019 година, но британските медиуми шпекулираат дека тој може да биде продаден на Челси на крајот од оваа сезона. Липи изјави дека заминувањето на Погба од Торино би му наштетило на клубот, но со парите може да се донесат три-четири извонредни фудбалери.
– Секако тоа би било голема жртва за клубот, но тоа ќе донесе пари за осетно да се засили тимот со три-четири играчи – изјави Липи.
– Кога дојдов во Јувентус во 2001 година, ми рекоа од управата дека ќе го продадат Зидан. Тој беше најдобар светски фудбалер, но Реал нудеше огромна сума. Челниците на клубот ми рекоа да бидам мирен и дека парите ќе ги вложат во екипата. Со тие пари тогаш ги купивме Џиџи Буфон, Павел Недевед и Лилиан Турам и продолживме да освојуваме трофеи – објасни Липи.
Погба оваа сезона одгира 16 натпревари за Јувентус и постигна пет гола. За него се заинтересирани Челси, Пари Сен-Жермен и Реал Мадрид.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.