Основното јавно обвинителството за организиран криминал и корупција одлучи да поднесе жалба на условниот отпус на Јован Вранишковски со барање да се преиспитаат околностите за отпустот поради, како што велат, можноста осудениот во иднина да врши кривични дела. Ова го потврди портпаролот на Државното јавно обвинителството Елизабета Недановска.
Во соопштението од ОЈО, се наведува дека на 12 јануари го примиле Решението на Основниот суд Скопје со кое судот одлучи да го уважи предлогот на директорот на КПУ Идризово за условен отпуст на осудениот Вранишковски. Таквото решение беше предмет на целосна анализа на околностите и оцена во надлежното Обвинителство и при тоа се утврди дека тоа е законито. Со ваквата своја оцена, се додава, ја запозна и македонската јавност, но истовремено не се откажа од правото на Жалба.
– Обвинителството смета дека треба да се преиспитаат околностите за условен отпуст на осуденото лице, како и дали ќе се постигнат целите на условниот отпуст. Истовремено, обвинителството ги ценеше околностите кон овој кривично правен предмет и вообичаената досегашна пракса за должината на отпустот. Воедно, смета дека се променети околностите кои укажуваат дека осудениот може во иднина да врши кривични дела и со тоа нема да ја оправда довербата, која му е дадена со условниот отпуст, па затоа во законскиот рок се поднесе жалба против решението на судот, а која жалба ќе се цени во повисокиот суд, се вели во соопштението на ОЈО за организиран криминал.
Jован Вранишковски денеска требаше да биде пуштен на слобода, по одлуката на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција од 12 јануари годинава, бидејќи, како што беше наведено, биле исполнети законските услови за примена на „условен отпуст“.
Вранишковски е правосилно осуден на единствена затворска казна од пет години и пет месеци. Досега, издржал вкупно 36 месеци затвор, односно половина од затворската казна на која е правосилно осуден.
Формално барање за ослободување на Вранишковски поднесе директорот на затворот Идризово, откако претходно негово помилување побара и Синодот на МПЦ-ОА заради, како што беше наведено, повисоки цели.
Одлуката на Синодот на МПЦ-ОА следуваше по средбата на поглаварот г.г. Стефан со претседателот на Одделот за надворешни работи на Московската патријаршија, митрополитот Волоколамски г. Иларион.
Македонските владици ја прифатија иницијативата на Руската православна црква, пренесена од митрополитот Иларион, да даде придонес за обновување и успешно реализирање на дијалогот меѓу МПЦ-ОА и Српската православна црква за решавање на отворените прашања кои постојат меѓу двете цркви.
Ослободувањето на Вранишковски беше услов што го поставуваше СПЦ за продолжување на дијалогот со МПЦ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.