| четврток, 6 декември 2018 |

Обвинителството почна со анализа на фалсификуваните документи

На Основното јавно обвинителство потребни му се најмалку два месеца за да ги разгледа и да утврди што се има во материјалите најдени во становите на лицето З.Б. каде беше откриена фабрика за фалсификување лични документи, но и десетици илјади снимени телефонски разговори.

osnovno-javno-obinitelstvo-tabla

Заменикот на основниот јавен обвинител на ОЈО Скопје, Јован Цветановски на денешната прес-конференција рече дека по предметите интензивно се постапува од страна на повеќе обвинители.

– Обвинителите кои постапуваат по предметите досега дадоа наредби за преземање истражни дејствија до Одделот за организиран криминал при МВР и организационите единици во МВР кои се надлежни за различни видови вештачења. Во текот на истражните дејствија издадени се наредби за вештачење, претреси и разговори со повеќе лица за утврдување на фактичката состојба – посочи Цветановски.

При извршените претреси на станови на осомниченото лице З.Б., како и на други лица, пронајдени се голем број обрасци за патни исправи, возачки дозволи, лични карти и други документи за подготовка на невистинита документација.

– Пронајдени се преси, секачи и компјутерска опрема за изготвување фалсификувана документација. Првичните сознанија на Обвинителството укажуваат дека постојат основи на сомнение дека порано споменатите патни исправи, лични карти, машини и опрема, соодветствуваат со оние пронајдени при претресот. Добиени се и првични известувања од овластените лица за содржината на пронајдените податоци во компјутерите во кои меѓудругото се наведува дека постојат и фајлови на десетици илјади телефонски разговори, рече Цветановски.

За содржината и потеклото на разговорите, како што додаде, поради обемноста на материјалот ќе биде потребен временски период од најмалку два месеца.

Цветановски рече дека се води истрага против три лица. Освен за лицето З. Б. кој е во затвор за друго кривично дело, на останатите двајца осомничени како превентивна мерка им се одземени пасошите

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top