| четврток, 6 декември 2018 |

Деведесет години од раѓањето на композиторот Кирил Македонски

На иницијатива на академик Никола Здравев во соработка со Македонската академија на науките и уметностите МАНУ ќе се одржи музички настан посветен на композиторот Кирил Македонски, од чие раѓање денеска се навршуваат 90 години.

Македонски е композитор на првата македонска опера „Гоце“, а подоцна автор на оперите „Цар Самуил“ и „Илинден“ и режисер на операта „Орфеј“.

За името на Кирил Македонски е поврзана и оркестарската музика, симфониската поема „Танчарка“ како и други пет симфонии, посочува академик Георги Здравев, професор во пензија од Битола, внук на Кирил Македонски, роден на денешен ден 1925 година во Битола каде го завршил основното и средното образование.

– Се сеќавам и вечно ќе ја паметам ноќта на 12 јуни 1965 година кога во Хераклеја, во малата базилика диригирав во операта „Орфеј“ од Глук што во Битола ја постави и режираше Кирил Македонски. Тоа беше професионално подготвена и изведена опера, со одлична идеја на сценографот Петар Ангеловски, со извонреден настап на солистите Милка Ефтимова, Марија Скаловска, Васка Биџова….. на симфонискиот оркестар и хорот, со кои Кирил професионално соработуваше и се дружеше. Сите без исклучок бевме полни со ентузијазам. По завршувањето на операта мене и на Кирил ни беше задоволство во книгата за впечатоци да ги читаме брилијантните впечатоци на публиката, која ја чувам и ден денес… Таа јунска ноќ беше незаборавна како за учесниците така и за публиката, вели за МИА академик Георги Здравев.

На иницијатива на академик Здравев и во соработка со МАНУ, се очекува во текот на оваа јубилејна година, во родната Битола да биде организиран посебен музички настан што ќе биде посветен на Кирил Македонски, кој пишувал музика и за радиодрами, театарски пиеси, краткометражни филмови како и музиката за легендарниот игран филм „Македонски крвава свадба“.

– Кирил Македонски заслужува внимание бидејќи неговите дела, инспирирани од македонската национална историја се изведувани во државата и странство. Музиката на Македонски се слушала во Аргентина, Бугарија, Германија, Данска, Куба, Полска, Романија, САД, Советскиот Сојуз, Франција, Холандија. Тој учествувал и на повеќе симпозиуми и конгреси во Европа и светот каде ги презентирал македонските искуства и постигања, вели академик Здравев.

За својата работа Кирил Македонски добитник е на повеќе меѓународни награди и признанија, а во публикација на УНЕСКО  е забележан како работник во областа на музикотерапијата во светот.

Кирил Македонски починал на 4 јуни 1984 година во Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top