| четврток, 6 декември 2018 |

Во Охрид се е подготвено за Богојавленскиот водосвет 2015

охрид

Охрид и централното градско подрачје подготвени за главниот настан во рамки на годинешното одбележување на Богојавленските празници – Водици 2015, осветувањето на водите на Охридското Езеро и фрлањето на Чесниот крст во Езерото.

Нуркачки екипи на клубот „Амфора“ и клубот за подводни активности „Охрид“ го исчистија дното на Езерото кај Градското пристаниште каде ќе се фрла крстот, додека екипи на Црвениот крст извршија обележување на опасните зони каде има нерамнини и поголеми длабнатини, со апел до верниците кои ќе скокаат по крстот да ги избегнуваат тие места.

Прославувањето на големиот верски празник Свети Јован Крстител на самиот ден на празникот, почнува утре рано изутрината со богослужби во сите парохиски цркви во Охрид освен на Плаошник. Во 9 часот Централната црковно-народна манифестација се префрла на Градското пристаниште во Охрид, каде ќе се одржи и главниот настан – фрлањето на Светиот крст и осветувањето на водите на Охридското Езеро. И оваа година предвидено е да биде спроведено и масовно крштевање во осветените води на Езерото, во 14 часот кај месноста Сараиште.

Оваа година за разлика од претходните крстот ќе се фрла во осветените езерски води од најистурениот дел на Градското пристаниште, а за безбедноста на верниците што ќе влезат во вода ќе бидат ангажирани 10 спасувачки екипи на Црвениот крст. Од Црвениот крст апелираат до капачите да не консумираат премногу алкохол и да избегнуваат подолготрајно задржување во вода бидејќи температурата на езерото е доста ниска, според последните мерења осум степени Целзиусови.

Во рамки на Водици утре, традиционално се организира и крводарителска акција, која што овојпат ќе биде спроведена во просториите на Студентскиот дом „Никола Карев“.

Организаторите на манифестацијата, Општината Охрид и Здружението за целосна афирмација на МПЦ „Богојавление“ очекуваат голем број гости за празниците, на што укажуваат бројот пријавени капачи, но и најавени гости што ќе дојдат да ја проследат манифестацијата. За сите гости во центарот на Охрид на штандови бесплатно ќе се служи вино, топла ракија, пифтии, пржени плашици.

Манифестацијата по повод Богојавление завршува на 20 јануари на празникот Собор на Свети Јован Крститетел, популарно во Охрид познат како Ден на рибарите, кога во минатото со капење во Охридското Езеро се чествувал крајот на мрестот на пастрмката и почетокот на слободниот риболов. За Денот на рибарите во Охрид верниците ќе пливаат по бурињата со вино што ги обезбедува организаторот на манифестацијата, а ќе се готви 2,5 тони рибна чорба, што ќе можат да ја пробаат сите гости во градот. Прославата на празниците ќе биде збогатена со избрана музичка програма и изложба на риболовен алат и фотографии од рибарското минато на Охрид.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top