Непознати лица ги испишаа со навредливи натписи ѕидовите на францускиот културен центар во градот Газа, во знак на протест поради новите карикатури на пророкот Мухамед во францускиот сатиричен весник „Шарли ебдо“. „Француските новинари ќе одат во пеколот“ гласеше еден од натписите.
Центарот во моментот е затворен, откако стана цел и на две експлозии, за кои одговорност презедоа исламистите. Никој, меѓутоа, не ја презеде одговорноста за навредливите графити.
Протести против објавувањето на карикатурите се одржа и во престолнината на руската република Ингушетија – Магас. Во демонстрациите учествувале над 20.000 лица. Тоа е најголемиот протест таму во последните десет години. Некои од демонстрантите потсетија дека исламот е религија на мирот и на доброто.
Во Нигер втор ден по ред се одржаа протести против карикатурите на Мухамед во „Шарли ебдо“. Најмалку 1.000 лица денеска се собраа на митинг во близина до големата џамија во престолнината Ниамеј. Во реонот има полиција, а некои од демонстрантите почнаа да фрлаат со камења врз полицајците и палеа гуми на улиците. Полицијата употреби солзавец.
Вчера во градот Зиндер во Нигер, демонстрантите запалија и три цркви.
Во врска со протестите против карикатурите на пророкот Мухамед, францускиот претседател Франсоа Оланд ги потсети земјите во кои се протестираше против карикатурата на Мухамед на насловната страна на „Шарли ебдо“ дека „Франција има принципи и вредности“ и дека „меѓу тие вредности се вбројува и слободата на изразување“.
Запрашан од новинарите за запалените француски знамиња на повеќе демонстрации, посебно во Африка, Оланд одговори: „не е завршено со ваквото однесување, потребно е тие да бидат казнети, бидејќи кога тие се случуваат во Франција се нетрпеливи, но исто така и во странство“.
– Мислам посебно на овие земји кои не можат да сфатат што е слобода на изразување бидејќи таа им е ускратена. Но исто така, овие земји ги поддржавме во борбата против тероризмот, и јас ќе им ја изразам мојата солидарност, но истовремено, Франција има принципи и вредност и меѓу нив се вбројува и слободата на изразување- додаде францускиот претседател.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.