„Женидба“ е насловот на новата театарска претстава, која премиерно ќе биде изведена в петок во Театар Комедија. Се работи за текст од Гогољ, во режија на Дејан Пројковски, а улогите им се доделени на младиот тим од Театар Комедија: Нина Деан (Агафја), Кристина Ласовска (Арина), Зорица Стојановска (Фјокла), Атанас Атанасовски (Поткаљосин), Валентин Костадиновски (Кочкарјов ), Едмонд Сотир (Кајгана), а играат и Игор Георгиев (Анучкин), Роберт Ристов (Жевакин), Анкица Бенинова (Дуњашка) и Теоман Максут (Степан)
По „Хамлет“, „Генетика на кучињата“ и „Ромео и Јулија“, три, навистина, тешки и долги претстави во кои актерите покажаа што, навистина, умеат и можат, излегувате со ново дело „Женидба“, овој пат во Театар Комедија. Колку „Женидба“ има сличности со другите две претстави?
Пројковски: „Хамлет“ и „Женидба“ ги обединува тоа што се напишани од два генијални ума, Шекспир и Гогољ. Велат дека делата на големите автори се во директен и постојан дијалог со Бога и сметам дека ова е дел од сериозното наследство што ги имаме во театарот. Предизвикот да се работи „Хамлет“ и „Женидба“ е ист- како да се преведе една класика, едно дело што ја покажало својата вредност низ историјата, да се преведе на современ сценски јазик и да почне да комуницира со современиот, денешниот гледач. Ова не ми е прва комедија. Сум работел и во театарот во Битола, во Штип… Жанрот комедија ми е апсолутно близок.
Ве препознаваат по потешките, класичните претстави.
Пројковски: Да, така се случи да работам неколку такви дела, жанровски различни дела. Но, и комедијата е жанр на кој се радувам. Самата наша претстава е класична комедија, која се движи од комедија во мелодрама, преминува во една гротеска. Си поигруваме со жанровите.
Од каде идејата да се работи „Женидба“?
Пројковски: „Женидба“ е секогаш многу актуелна. Прво ансамблот на Театар Комедија е млад и сметам дека тоа е интересна тема, која треба да се сподели со нив – темата за бракот, за вистинската љубов, за изборот, ја препознаваме ли вистинската љубов, му се случува ли на човек вистинска љубов… Со оваа млада екипа има многу работи да споделиме на оваа тема и многу работи да ѝ кажеме на публиката.
Што е со генерацијата што дојде, која ја пишува историјата на Театар Комедија?
Пројковски: Секоја нова генерација носи една своја енергија во театар, свој поинаков израз, чувство… Многу се радувам на оваа нова генерација. Таа има секогаш што да даде и да каже на оваа сцена и добро е што им се даде шанса. Ова е една нивна слободна територија на која ќе растат и создаваат заедно со режисерите што им доаѓаат. Мислам дека секоја нова генерација си ги носи своите ставови, прашања, својот поглед кон светот и театарот. Сметам дека Театар Комедија е театарски простор што допрва ќе се афирмира.
Има ли некој од Вашите студенти во претставата?
Пројковски: Има тројца мои студенти што играат. Ние во театарот создаваме колеги. Човек станува свесен по првата или втората генерација со која ќе заврши на факултет. Ова е работа во која се гледа трудот на професорот, сработеното на студентот и најважното е што по тие години на студирање треба да се сретнеме на сцена и да ја продолжиме таа вечна игра.
Морам да забележам дека се гледа тој авторитет кон професорот.
Пројковски: Јас се обидувам пробата да ја водиме како игра на рамноправни. Но, се знае улогата на режисерот и на актерите. Сметам дека денешниот театар, денешната работа значи, буквално, собирање една екипа на автори, кои заедно во претставата го создаваат својот свет, ги создаваат своите мисли, дилеми… Мислам дека во претставата ја има енергијата, хуморот на оваа млада актерска екипа. Среќен сум што успеавме да извлечеме една специфична актерска екипа што ќе биде интересна како појава во македонскиот театар. Тој жанр гротеска, кој тие го играат е ретко застапен кај нас и мислам дека тие ќе станат препознатливи по создавање на гротеската кај нас.
Со последните неколку претстави доминиравте на театарските фестивали. Очекувате ли дека тоа ќе се случи и со „Женидба“ годинава?
Пројковски: Секоја претстава ја работам како да ми е прва и последна. Тоа е енергијата и жарот со кои влегувам. Секогаш е стравот како тоа да е прва претстава, секогаш вложеното и сработеното е како тоа да е последна претстава. Тоа што го научив низ годините е во секоја претстава да се втурнувам како во едно сосема ново пространство за истражување. Научив тие два месеца, додека се подготвува претставата, театарот да ми биде една лабораторија, пред сѐ за човекот и за човечките чувства и стравови. Се радувам затоа што сметам дека во оваа претстава актерите ќе се наметнат со својата игра и се надевам дека на фестивалите и таму каде што ќе се игра претставата, токму поради нивната игра ќе бидат забележани.
Рековте како да е прва и последна, но не е прва, а верувам ни последна претстава. Што е следно од Пројковски?
Пројковски: Една од следните претстави е претстава во театарот во Дубровник, „Браќа Карамазови“ од Достоевски. Повторно едно големо дело од светската литература, со многу интересен ансамбл со кој заедно ќе влеземе во тој свет на Бога, на вечната дилема на човекот, големите прашања за задгробен живот, за гревот, смислата на животот. Голема тема и за мене интересна. Претстава која ќе ја работам во еден нов театарски простор. Се радувам затоа што знам дека и таму ќе најдам една група луѓе со кои заедно ќе ги споделуваме нашите театарски светови.
Разговараше: Билјана Зафирова
(Разговор со главниот актер и со директорката на Театар Комедија, Јелена Жугиќ, како и детали од костимската проба за новата претстава, ќе бидат објавени во неделникот Република, кој ќе биде во продажба од петок, 18 јануари)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Виолета Џолева, режисерка: Со првиот мјузикл за деца сакам да им се заблагодарам на маестро Џамбазов и на Оливера Николова
-
Култната „Викенд на мртовци“ премиерно на сцената на Ттеатар Комедија
-
Македонија на театарскиот фестивал „Долгопрудненска есен 2019“, Русија
-
Актерите од „Забрането смеење“: Публиката да се впушти во една театарска авантура