| четврток, 6 декември 2018 |

2014 беше најтоплата година досега

Годината 2014 беше најтоплата на планетата откако во 1880 година почнаа да се спроведуваат мерења, соопшти во петок Американската агенција за океани и за атмосфера.

Во декември е забележана просечна температура на површината на копното и океанот каква што не е забележана 134 години наназад, за тој период на годината, истакнува агенцијата.

Агенцијата додава дека НАСА спровела независни мерења и дека дошла до истите заклучоци.

Температурите во декември биле за 0,77 Целзиусови степени повисоки од просекот во 20-сеттиот век, оценува агенцијата.

На ниво на целата година, просечната температура на копното и океанот била за 0,69 Целзиусови степени повисока од просекот на 20 век, надминувајќи ги претходните рекорди од 2005 и 2010 година за 0,04 степени.

Таа рекордна топлина е забележана секаде во светот, дури и на крајниот руски исток, на западот на Аљаска, во внатрешноста на јужна Америка, во поголемиот дел на европскиот континент, на северот на Африка и во крајбрежјето на истокот и на западот на Австралија, наведува агенцијата.

Покрај тоа, ги споменува и екваторскиот појас на Тихиот океан, делови на западниот и југоисточниот Атлантик, Норвешкото море и делови од централниот и јужниот Индиски океан.

Просечната температура на површината на копното во светот во 2014 година била за 1 Целзиусов степен повисока од просекот во 20 век, или четврта највисока од 1880 година.

Температурата на океаните била за 0,57 степени повисока од просекот во 134 последни години, односно највисока во периодот помеѓу 1880 и 2014 година, соборувајќи ги претходните рекорди од 1998 и 2003 година.

Овие температурни рекорди се забележани иако изостана топлата пацифичка струја Ел Нињо, која во просек се јавува секои пет до седум години и силно влијае врз климата на Земјата.

Американската агенција кон крајот на 2014 година оцени дека постои речиси 60 отсто веројатност Ел Нињо за време на зимата повторно да се појави на северната полутопка.

Меѓувладина стручна група за климата тврди во својот последен извештај објавен во април 2014 година, дека температурата во светот ќе порасне за 3,7 до 4,8 Целзиусови степени до 2100 година доколку не се случат поголеми промени во енергетските извори во светот, каде што постои голема зависност од јагленот и нафтата.

 

Како што наведува стручната група, нема многу време порастот на температурата на планетата да се ограничи на 2 степена до крајот на векот во однос на нивото од прединдустрискиот период.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top