| четврток, 6 декември 2018 |

Министерството за култура поддржа 30 апликанти за стручно усовршување во Париз, Њујорк, Лас Вегас

Грижата за младите уметници и за дефицитарните кадри е еден од приоритетите во нашата културна политика, а Министерството за култура секоја година објавува Конкурс за стручно усовршување во сите дејности од областа на културата; во филмот, театарот, музиката, танцот, литературата, ликовната уметност, заштитата на движното и недвижното културно наследство. -Критериумите за селекција на пријавените кандидати се многу јасни и прецизни, и во тој контекст особено се вреднува дефицитарноста на уметничката дисциплина односно се обезбедува поддршка за студии кои не се застапени во нашите образовни институции, поддршка за усовршувања кај еминентни професори и уметници, поддршка за стручна наобразба на дефицитарните кадри кои вршат непосредна заштита на културното наследство како и стручно усовршување во странство на кадри за менаџмент и маркетинг во културата и примена на новите технологии, рече министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

Од 2008 до 2014 година е поддржана едукацијата на приближно 375 стипендисти, а оваа, 2015 година, од пријавените апликанти се поддржани 30 стипендисти кои своето образование го продолжуваат на некои од најреномираните високообразовни институции како Сорбона во Париз, Универзитетот во Невада-Лас Вегас, Бостонскиот конзерваториум во САД, Петрозаводскиот државен конзерваториум во Москва, Академијата за ликовни уметности во Виена, Универзитетот во Љубљана, Академијата за уметности, филм и ТВ ФАМУ во Прага, Универзитетот за музичко-сценски дејности во Грац, Унивезитетот Моцартеум во Салцбург, Факултетот за музика – Џез Институт во Грац, Националната Художествена академија во Софија, Академијата Герит Ридвелт во Амстердам, Универзитетот за применети науки во Луцерн, Институтот за применета уметност и дизајн во Торино, Мусашино Универзитетот за уметност во Токио и многу други.

-Некогашните стипендисти, денеска се реномирани уметници на културната сцената во Република Македонија, балетски и оперски уметници во Операта и Балетот при МОБ, музичари во националниот симфониски оркестар, режисери и актери во националните театри во РМ, професори на факултетите во Македонија, куратори во музеите, уметнички селектори како и директори на некои од националните установи. Ќе споменам само мал дел од нашите стипендисти: Никола Узуновски, Ирена Паскали, Вук Митевски, Александар Ношпал, Александар Коловски, Александра Поповска, Ѓорѓи Цуцковски и многу други. Во оваа прилика би сакала да потенцирам дека Министерството за култура ја стимулира работата на овие млади уметници и дефицитарни кадри и преку редовната поддршка на нивните проекти со кои аплицираат во Министерството за култура на годишно ниво, а се разбира дека тука се и вработувањата кои се реализираа во голем број во изминатиот период, информираше Канческа-Милевска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top