Министерот за здравство, Никола Тодоров, денеска ја посети Универзитетската клиника за државна кардиохирургија каде што првпат беше изведен минимално инвазивен зафат. Тимот, македонски и српски лекари, кој синоќа ја изврши интервенцијата беше предводен од словенечкиот примариус д-р Миладин Ѓоргевиќ.
Направена е замена на валвула со рез два до три пати помал од вообичаениот во кардиохирургијата. Пациентката стара 73 години се чувствува добро и веќе заздравува.
– Со воведувањето на овој метод, Клиниката за кардиохирургија, иако најмлада, направи крупен чекор во подобрувањето на нивото и квалитетот на здравствената услуга – изјави министерот изразувајќи голема благодарност до лекарите, особено, како што рече, за нивниот професионализам.
Професорот од Словенија веќе 15 години го применува минимално инвазивниот кардиохируршки зафат. Предноста, објасни, е во тоа што траумата и крвавењето при вакви интервенции се помали, мобилизацијата е побрза, а рехабилитацијата е подобра и пократка.
– Ваквите зафати се почести кај возрасни луѓе, но се применуваат и кај млади лица. Во последно време, повеќето пациенти се постари, над 75 години, со оглед дека кај нив дегенерирањето на залистокот на аортата е почест. Во Словенија 13 отсто од овие пациенти се постари од 80 години – нагласи д-р Ѓоргевиќ.
Според него, пациентката што синоќа беше оперирана, подолго време имала проблеми со срцевиот залисток и било крајно време да се интервенира.
Македонските лекари кои беа дел од тимот наскоро ќе заминат на субспецијализација во загрепската болница „Ребро“. Се разговара и за нивна дополнителна едукација во институциите во кои работи професорот Ѓоргевиќ.
Министерот Тодоров информира дека синоќешниот зафат е 35. на Клиниката за државна кардиохирургија која во однос на интервенциите годинава ја почна во согласност со планот, а така беше завршена и претходната година, со околу 30.
– Оваа година Клиниката ќе биде преселена во новите простории. Потребната опрема вредна околу 1,5 милион евра е веќе набавена – подвлече министерот Тодоров.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.