Рафаел Надал имаше најмалку среќа од фаворитите за титулата на Отвореното првенство на Австралија, а распоредот на натпревари и можните ривали се опасни за шпанскиот ас. Надал ќе стартува против незгодниот руски тенисер Михаил Јужњи, а ако победи веројатно ќе игра со Лукаш Росол, тенисер од кого загуби на Вимблдон во 2012 година.
Во овој дел од костурот на машкиот турнир се и Роџер Федерер и Енди Мареј што потврдува дека Надал ќе има екстремно тешка задача да го освои турнирот во Мелбурн.
Ланскиот шампион Станислас Вавринка ќе ја почне одбраната на титулата против Марсел Илхан, а во проектираното четврт-финале би играл со Кеи Нишикори, опасниот самурај од Јапонија.
Новак Ѓоковиќ ќе игра во првото коло против квалификант, а противник на Федерер е Јен Хсун Лу од Тајван. Според очекувањата во четврт-финалето би играле Ѓоковиќ со Раониќ, Вавринка против Нишикори, Надал против Бердих и Федерер со Мареј.
Кај дамите сигурно ќе има нова шампионка на ОП на Австралија бидејќи Ли На, која лани славеше во Мелбурн, се откажа од тенисот.
Потенцијалната четврт-финална шема, според предвидувањата на тениските експерти, би изгледала вака:
Серена Вилијамс – Каролине Вознијачки, Петра Квитова – Агнешка Радванска, Ана Ивановиќ – Симона Халеп и Марија Шарапова – Еужени Бушар.
Турнирот почнува в понеделник наутро.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



