Премиерот и лидер на ВМРО- ДПМНЕ, Никола Груевски, на вечерашниот митинг во Кичево ги претстави кандидатот, актуелниот градоначалник Благоја Деспотовски, и заедничката советничка листа со СДСМ. Ниеден градоначалник нема да може да ја оствари програмата доколку нема поддршка од Советот на општината, порача Груевски посочувајќи дека ако се поддржува Деспотовски, тогаш мора да се поддржи и заедничката советничка листа.
Груевски се осврна и на понуденото на противкандидатот на Деспотовски, Фатмир Дехари од ДУИ.
– Со сета почит до Албанците, имам да му порачам неколку работи на Дехари. Со Република Албанија имаме почитувани и респектирани соседски односи. Албанците во Кичево секогаш биле почитувани граѓани, се живеело во мир и помагање, како што треба во заедница. Тој се претстави со фотографија со „калашников“, а потоа и со сонот како патувал од Тирана преку Струга, Кичево, Гостивар, Тетово, Скопје, Куманово, сонот за етничка Албанија, а не Македонија. Ниту во 2001 година, ниту сега, ниту некогаш Дехари ќе исплаши некого со неговите фотографии. Ако сака да живее во Албанија, ете му ја Албанија, нека живее таму, тука било, е и ќе биде Македонија. И Струга и Тетово и Кичево и Куманово и Вранешница сѐ е тоа Македонија – рече Груевски.
Дехари ги повика Албанците од дијаспората да дојдат да гласаат за решавање на проблемите во училиштата и водоводот во Кичево.
– Тие луѓе не знаат ништо за тука, освен дека се повикани да гласаат само и единствено за некој Албанец. Убаво е да дојдат да видат, но нам ни е тоа порака дека не смее да се повтори излезност од претходно. Затоа Кичево ќе има 100 проценти излезност – повика Груевски.
Очигледно, дехаровци сакаат на вештачки начин да ја сменат демографската слика на Кичево, со носење од дијаспората, што е неетички, нефер, чист етноцентризам. Сакале со иселени граѓани да ни го земат Кичево. Овој пат да покажеме, да излеземе до еден, да одговориме чие е Кичево, повика Груевски.
-Немам ништо против Албанците во Македонија, ја делиме истата судбина, но имам против радикали како Фатмир Дехари. Овие избори се нов референдум за Кичево. Дехари го кажа планот, Меџити го потврди, сè е јасно, ако некој не се излезе на изборите, тој се согласува со сонот на Дехари за етничка Албанија.
Груевски на митингот во Кичево порача и дека во вакво опкружување Македонците мора да се обединат, но се наврати и на демографијата.
– Ако се сака да се направи етничка Албанија, се смета на многудетните семејства. Не смееме да останеме со едно или две деца, освен во случај на старост или болест. Тоа ни е судбината и мора да одговориме на овие идеи за етничка Албанија. Ќе одговориме и на тој начин, со многудетни семејства. Ќе одговориме на вештачкото менување на етничката структура, нема бегање ниту од Струга, ниту од Тетово, ниту од Кичево. Ваквите планери на етничка Албанија сметаат само на таа карта, на многудетни семејства – повика Груевски во Кичево.
Доколку некој и не помислувал да гласа заради разочараност од партија, личност или проблеми со наоѓање работа, Груевски вели, нема лутење, но на овие избори не се гласа за партија или политичар, се гласа дали Македонците, Турците, Ромите, Србите, Македонците муслимани и мнозинството Албанци кои сакаат да живеат во мир ќе живеат во Македонија или во Албанија. Верувам во чесните Албанци дека и тие ќе го казнат Дехари.
Гласањето за Деспотовски ќе покаже како еден градоначалник може да се грижи за сите заедници, дури и повеќе од градоначалниците од иста заедница. Така и оние кои подлегнале на Дехари, ќе сфатат дека и тоа е можно.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.