Во Музејот на Град Скопје, вечерва беше отворена изложбата, мултимедијален проект и инсталација „Франкофонија Планетариум“ на познатиот уметник Киро Урдин. Изложбата го означи отворањето на манифестацијата „Франкофонската пролет“. Неговата инсталација, мултимедијален перформанс обединува 20-тина негови дела, слики, фотографии од балетската претстава инспирирана од неговото творештво, песни, афоризми и филмови. Неговиот креативен уметнички јазик ни говори за Франција, но на суптилен начин, изложбата ни ја обновува и идејата за обединување на културите во светот, идејата која овој, според многумина, огнен поборник на планетаризмот, ја пренесува насекаде низ светот.
-Урдин е уметник кој во своето творештво вешто воспоставува дијалог меѓу културите но, и меѓу различните уметности, меѓу сликарството, литературата, филмот. Преку неговото дело, на само нему својствен начин, не вовлекува во неговиот свет во кој доминираат бесконечноста, силната творечка енергија, суптилноста и жедта да се биде слободен и неограничен во изразот, рече министерката Елизабета Канческа-Милевска која ја отвори изложбата.
Во рамките на манифестацијата „Франкофонска пролет“ која ги промовира универзалните вредности, демократијата, културната разноликост, ќе се реализираат бројни изложби, музички концерти, гастрономски настани, дебати, и други настани кои ќе се случуваат до 16 мај и кои ќе бидат убава провокација за нашите граѓани да се запознаат подобро со сето она што ја прави француската култура препознатлива и единствена во европскиот но, и во светскиот културен простор.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.