
–Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ го поздравува и го поддржа новиот Предлог-закон за високообразовните установи за образование на наставен кадар во предучилишното воспитание, основното и средното образование кој беше изгласан на вчерашната 31-ва седница на Собрание на Република Македонија – рече на денешната прес-конференција пратеникот Андон Чибишев.
Чибишев потенцира дека овој Предлог-закон претставува еден од пакетот закони во делот на образованието кои се носат со цел подобрување на квалитетот на образованието во Република Македонија.
– Предлог законот за високообразовните установи за образование на наставен кадар во предучилишното воспитание, основното и средното образование претставува ново законско решение со кое секој студент кој што ќе сака да се запише на педагошки факултет ќе треба да поседува минимум просечен успех од 4.00 во средното образование, како и дополнително полагање на посебен приемен испит за упис педагошкиот факултет – појасни тој.
Со овој закон, посочи, се предвидува обезбедување на студентите со неопходни знаења, способности и вештини со кои ќе бидат оспособени за изведување на воспитно-образовна дејност. Според него, се нуди еднаква пристапност на сите под условите утврдени со овој закон кој се базира на обезбедување квалитет на образованието, поголема транспарентност и олеснување на постапките за запишување на студентите.
Дополнително, истакна пратеникот Чибишев, законот предвидува и одредени бенефиции и поволности во вид на стипендија која ќе изнесува најмалку 50 проценти од просечната месечна нето плата во Република Македонија за студентите на студентските програми за образование на наставниците во предучилишна и оделенска настава кои оствариле просечен успех од најмалку 8.00 секоја студиска година последователно и положени најмалку 80 проценти од испитите за претходните студиски години.
Чибишев потенцира дека позитивните реакции во јавноста доаѓаат бидејќи ова решение ќе придонесе за поквалитетно воспитание и образование, како и за создавање стручни кадри кои во иднина со својата стручност би требало да го подобруваат квалитетот на знаење кои ќе го стекнуваат учениците во текот на своето образование.
– Како пратеници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ цврсто веруваме и убедени сме дека Предлог-законот за високообразовните установи за образование на наставен кадар во предучилишното воспитание, основното и средното образование ќе обезбеди квалитет на образованието за изведување воспитно-образовна дејност, како и зајакнување на воспитно образовниот процес кој треба да придонесе за поквалитетни и постручни кадри во иднина кои ќе се стекнуваат со квалификации за вршење на професијата наставник во предучилишното воспитание, основното и средното образование – рече на денешната прес-конференција Чибишев
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


