| четврток, 6 декември 2018 |

Протести во Германија: повеќе контрадемонстранти од антиисламисти

555209_pegida-ap_fСо пораки „Јас сум Шарли“, слики од убиените француски новинари, критики за медиумите и слика на канцеларката Меркел во муслиманска шамија минаа вечерва протестите што по 12. пат во Дрезден и десетина други германски градови се одржаа во знак на протест против исламизацијата на Западот.
За среќа, на протестите во организација на групата ПЕГИДА или Патриотски Европејци против исламизацијата на Западот немаше инциденти и насилство и покрај опасноста која ја носат паралелни протести на организации со спротивставени цели, јави Канал 5.
Полицијата, која досега редовно објавуваше бројки на минатите протести, сѐ уште не излегува со процена за бројноста, но главниот плоштад на еден од најубавите германски градови Дрезден во регионот каде што само 2 проценти од населението се муслимани беше преполн како и минатиот понеделник.
Добрата вест од Германија е што бројот на контрадемонстрантите што се борат за фер третман на имигрантите и муслиманите е поголем од присутните на  антиисламските протести.
На протестите што се одржаа во главниот град Берлин наспроти 400 антиисламисти дојдоа 4.000 умерени Германци. Во главниот град на Баварија, Минхен на организаторите на антиисламските протести им се придружија 1.500 луѓе, а на другата страна беа повеќе од 20 илјади демонстранти.
Неколкукратно поголема беше и бројката на контрапротестантите во Лајпциг каде што локалната власт прво ги забрани објавите на карикатурите на пророкот Мухамед за под притисок на активисти за слобода на изразување да дозволи нивно објавување.
Германската канцеларка Меркел пред вчерашните протести порача дека исламот припаѓа во Германија и дека германските граѓани не треба да им се придружуваат на организаторите на антиисламските протести затоа што тие се луѓе што носат омраза во своите срца.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top