| четврток, 6 декември 2018 |

Оланд барал од Нетанјаху да не доаѓа на парискиот марш

Францускиот претседател Франсоа Оланд побарал од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да не доаѓа во Париз во неделата за одржувањето на парискиот марш против тероризмот и во одбрана на слободата на говорот по повод тридневната терористичка агонија на француската престолнина која започна во средата со нападот на исламистички екстремисти врз редакцијата на сатиричниот неделник Charlie Hebdo, изјави извор вклучен во преговорите меѓу Елисејскиот дворец и кабинетот на премиерот на Израел, пренесе француската телевизија Channel 2.

Советникот за национална безбедност на францускиот претседател Франсоа Оланд, Жак Одибер контактирал со неговиот израелски колега Јоси Коен и му ја пренел пораката од Оланд дека не го посакува присуството на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на споменатиот марш, пишува израелскиот дневен весник Haaretz.

Одибер појаснува дека желбата на Оланд била да не се изместува фокусот од изразувањето на светските челници на солидарност со Франција на другата актуелна тема како што е израелско-палестинскиот конфликт. Соговорникот, исто така, наведува дека Французите стравувале оти Нетанјаху ќе го користи маршот како повод за отпочнување на својата предизборна кампања, особено насочена кон Евреите во Франција.

Според соговорникот на телевизијата, во прв момент Нетанјаху дал позитивен одговор на барањето на Оланд, па во саботата навечер израелските медиуми ја пренесоа веста дека премиерот нема да отпатува во Париз од безбедносни причини и ќе ја посети Франција во вторник за да учествува во активностите на тамошната еврејска заедница. Но набргу потоа министерот за надворешни работи на Израел, Авигдор Либерман и министерот за економија Нафтали Бенет најавија дека премиерот, сепак, ќе отпатува во француската престолнина и ќе учествува во парискиот марш, откако Нетанјаху го променил мислењето.

Одибер, според извештајот, му пренел на Коен дека таквото однесување на израелскиот премиер негативно ќе влијае врз односите меѓу двете земји и во тој случај ќе биде испратена соодветна покана и до претседателот на Палестинската самоуправа, Махмуд Абас. Така, во прв момент Абас објави дека нема да патува во Париз поради лошите временски услови, но неколку часа подоцна неговиот кабинет соопшти дека тој има намера да учествува во поворката во Париз.

Како што пишува израелскиот весник, за време на церемонијата во главната синагога во Париз, Оланд пристигнал кога дошол редот на Нетанјаху да одржи говор. Извори од кабинетот на израелскиот премиер изјави за весникот дека првично посетата на Нетанјаху „би можела да предизвика проблеми“ во врска со безбедносни прашање, но тие не ја поврзуваат неговата посета со учеството на Абас во поворката.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top