| четврток, 6 декември 2018 |

(Видео) Доминик Вилкинс го фали Антиќ: Перо е секогаш на ниво кога се крши резултатот

Легендарниот кошаркар Доминик Вилкинс честопати со пофални зборови ја коментира играта на македонскиот ас Перо Антиќ, а така беше и на дербито меѓу „Атланта хоукс“ и „Вашингтон визардс“. Битката за врвот во Источната коференција убедливо ја добија „јастребите“ на Антиќ со 120-89, а шестката на домаќините повторно беше на потребното ниво. Разигран, ефикасен и мошне рационален, Антиќ постигна 12 поени, со 5 скока, а уфрли три тројки од вкупно 16 на Атланта.

dominik

„Перо е скогаш на ниво кога се крши резултатот“, коментираше Вилкинс, при прецизниот удар на Антиќ за три поени, по кои Хоукс поведоа со 79-69 и се чини конечно го скршија отпорот на Вашингтон.

Вилкинс моментно е во улога на коментатор на мечевите на Атланта, заедно со Боб Ретбун и Андре Олдриџ и честопати има само комплименти за играта на Антиќ.

Од таква легенда секако годат пофалните зборови, а Вилкинс има место во топ-50 најдобри кошаркари во историјата на НБА лигата. Во поголемиот период од кариерата играше за „Хоукс“ и е еден од најатрактивните кошаркари во историјата на најсилната кошаркарска лига на планетата. Особено атрактивни беа неговите забивања, а со атлетицизмот и скочноста привлекуваше внимание на терените во НБА лигата. Во негова чест „Атланта хоукс“ го повлече дресот со број 21, што Вилкинс мошне успешно го носеше од 1982 година до 1994 година.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top