![majka-tereza[1]](http://republika.mk/wp-content/uploads/2015/01/majka-tereza1-520x299.jpg)
Првиот од четирите дела на документарниот филм посветен на Мајка Тереза со наслов „Тереза и јас“, во режија на Теона С. Митевска, премиерно ќе биде прикажан вечерва, во 17.45 часот, на МТВ 1.
Документарниот филм зборува за животот на Мајка Тереза, за нејзината посветеност, енергичност, но и за нејзините дилеми и неверојатна храброст.
„Тереза и јас“ е работен во копродукција на „Сестри и брат Митевски“ со македонската национална телевизија и е составен од четири дела, кои ќе бидат прикажувани од понеделник до четврток во истиот термин.
Продуцентите за потребите на снимањето добиле посебна дозвола од сестра Према – наследничка и управителка на редот на Мајка Тереза. За потребите на снимањето биле отворени вратите на нивниот ред, живеалиштата, приемните центри и домовите. Од редот на Мајка Тереза, познат како „Сестри на милoсрдието“, ексклузивно за документарецот се добиени интервјуа од најстарите сестри, кои први застанале зад идејата на Мајка Тереза и се посветиле на борбата против бедата и мизеријата. Ексклузивни се и снимките од голем број домови и прифатилишта, каде што досега никогаш не било дозволено да се снима. Таков е првиот основан дом Калигат или Домот на смртта, како што го нарекла Мајка Тереза.
Филмот е сниман во Индија (во Калкута и во Дарџелинг), во Ватикан и во Македонија. Директори на фотографијата се Вирџини Сен-Мартен (Индија и Македонија), Антоан Белан (Ватикан) и Дејан Димевски (Македонија). Оригиналната музика е на Владимир Каевски, а користени се и музички нумери од групата „Мизар“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


