| четврток, 6 декември 2018 |

Убиената медицинска сестра била бремена, осомничениот се товари за тежок облик на убиство

Притвор за осомничениот за убиството на жената кај Детската клиника побара Основното јавно обвинителство Скопје и издаде наредба за отворање истрага против тоа лице за сторено кривично дело – убиство на бремена жена.

– Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување на истражна постапка против едно лице за сторено кривично дело – Убиство, со квалификаторен облик на убиство на бремена жена.Надлежниот обвинител ги презеде сите почетни мерки за прибирање докази и релевантни факти во насока на расветлување на случајот. При тоа, сослушано е едно лице и дадена е наредба за вршење на обдукција, се вели во соопштението од ОЈО Скопје.

Како што е наведено, досегашните сознанија потврдуваат дека жртвата не е почината од пад од височина.

– Убиството осомничениот го извршил на терасата на кровот на седмиот кат на Детската клиника во Скопје, каде е и најдено безживотното тело на сега починатото лице. Се очекува пристигнувањето на Извештајот од извршената обдукција од страна на Судска медицина, според кој ќе се утврдат и причините за настапување на смртта, се вели во соопштението.

Согласно законските прописи, а сметајќи дека се исполнети условите, јавниот обвинител до судија на предходна постапка, се наведува, поднесе предлог за определување мерка притвор против осомничениот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top