Од овој месец во аптеките во Словенија ќе може легално да се набавуваат канабиноиди, хемиски препарати што содржат екстракт од марихуана, а кои досега беа забранети.
Дозволата за увоз на тетрахидроканабиноидите (ТХЦ) ја доби фирмата „Ленис” која се занимава со увоз на нерегистрирани лекови, а набавките ги обезбеди од Германија, објавуваат словенечките медиуми.
Лековите од оваа супстанца ќе можат да се добиваат во аптеките, но оние на кои таквите препарати им ги олеснуваат симптомите на некои тешки болести ќе мораат да ги плаќаат.
Поранешната словенечка Влада на Аленка Братушек кон средината на минатата година издаде нова уредба со листата на забранети дроги од која е исклучен ТХЦ, односно е сместен меѓу дрогите чиј промет и користење се дозволени во медицината, ветерината и за педагошки и научно-истражувачки намени. Со сменетата уредба се овозможи и легалното купување на досега забранетите препарати кои соддржат екстракт на индиски коноп, во прв ред на масло од хашиш, кое досега можеше да се набави само на илегалниот пазар.
Лековите од екстракт на коноп во моментов во Словенија се уште не се регистрирани и ќе се подготвуваат во самите аптеки како таканаречени магистрални лекови, а увозникот на канабиноидите тврди дека ќе биде поевтин од сличните препарати кои можат да се добијат во аптеките во Австрија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


