Австрискиот главен и најголем град, сместен на брегот на убавиот Дунав, ќе ве освои на прв поглед. Градот на валцерот и на големи композитори како Моцарт, Шуберт и Штраус, изобилува со огромно културно богатство, знаменитости и со романтичен дух, а може да ви биде и попатна дестинација, без разлика каде и да патувате во Европа.
Македонските граѓани многу често ја избираат Виена за нивна дестинација, особено за време на новогодишните и на божикните празници. Многу од туристичките агенции нудат поевтини аранжмани, во кои се вклучени автобуски превоз, хотелско сместување и организирано разгледување со локален водач за околу 150 евра.
Како поевтино да стигнете до Виена?
Но, доколку сакате вашето патување да не биде врзано со конкретен датум, а сте без сопствен превоз, тогаш поевтина варијанта е патувањето со автобус. Вообичаените цени на автобуски билети на релација Скопје – Виена изнесуваат од 50 до 75 евра во еден правец, додека повратниот билет чини од 100 до 130 евра, во зависност од тоа со кој автобуски превозник ќе се решите да патувате.
Исто така, освен со автобус, постои опција до австриската метропола да патувате со авион, кој ќе ве чини малку повеќе, но многу побрзо ќе стигнете до целта.
Факт е дека патувањето со автобус трае подолго, особено во снежни услови, а тука се вклучени и попатни паузи за одмор и за царински формалности. Од друга страна, во последниве неколку години се зголемени патувањата на граѓаните со нискобуџетни авиокомпании, кои нудат релативно ниска цена на билетите за поатрактивните дестинации.
Цената на повратните билети за авионски летови од Скопје до Виена се движи во зависност од тоа во кој период од годината ќе се решите да патувате, на кој датум или преку која авионска компанија. Генерално, изнесува од 170 евра, па нагоре, за повратен билет, за едно лице, со вклучени авионски такси.
Доколку веќе сте избрале вашиот превоз до Виена да биде авион, по пристигнувањето на аеродромот следниот чекор е како поевтино да се превезете до центарот на градот или дестинацијата што ви одговара.
Интернационалниот аеродром е оддалечен од Виена 16 километри, а најлесен и најбрз начин да стигнете до градот е јавниот транспорт. Ако патниците знаат точно каде сакаат да одат или каде се наоѓа местото каде што треба да се сместат, можат да го искористат експресниот воз С7, бидејќи тоа е најевтин вид на транспорт за 4,40 евра. И градските автобуси имаат прифатлива цена на билет од осум евра.
Во однос на сместувањето, ако сакате повеќе да се фокусирате на разгледување на убавините и на знаменитостите на градот, а помалку на полуксузно сместување, тогаш најевтин избор би биле хостелите, кои можете да ги побарате на интернет или да се консултирате со некоја туристичка агенција за да ви кажат со кои хостели соработуваат. Како и во сите метрополи, во радиус околу центарот на Виена сместувањето ќе ве чини повеќе, а колку што се зголемува раздалеченоста од центарот, цената се намалува. Најевтините хостели во Виена нудат услуги за прифатлива цена, од девет евра, па нагоре, со добри услови.
Тоа што мора да го посетите или вкусите во царскиот град
За туристичка обиколка низ Виена искористете го трамвајот со број 1 – тој поминува покрај сите знаменитости во центарот на градот, а билетот чини 1,20 евра за едно возење и трае околу три часа.
Освен добропознатите културни знаменитости како дворците Шенбрун и Хофбург, палатата Белведере, катедралата на „Св. Стефан“, забавниот парк „Пратер“ (Големото тркало), зградата на прочуената Виенска опера, познатата улица Марија Хилферштрасе, еве неколку предлози што е вредно да се проба, а го нема во туристичките брошури.
Прочуените колбаси (Wurst), можат да се најдат на секој чекор, а нема да ве чинат повеќе од 3,5 евра. За љубителите на вино и за тие што сакаат да пробаат одлична австриска храна винариите се вистинското место. Виена е позната по одличните ресторани и таверни и има голема традиција на производство на вино. Вреди да се проба и виенскиот леб со лук, кој може да го најдете речиси во сите супермаркети, а е евтин и чини околу 60 центи. За десерт не пропуштајте ја традиционалната захер торта, чијшто рецепт се чува во тајност, а првпат ја направил виенскиот слаткар Франц Захер во 1832 година.
(Пишува: Јана Јосифоска
Текст објавен во 122. број на неделникот „Република“, 2.01.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
“Чоколадни капки “ – самостојна изложба на Ѓорѓе Јовановиќ во галеријата Hoast во Виена
-
„Исцелител“ во Виена прогласен за најдобар дебитантски филм во Југоисточна Европа
-
„Исцелител“ на Меѓународниот филмски фестивал во Виена
-
Ќерката ја давел со кабел, сопругата ја избодел до смрт, па си пресудил себе си – крвава Нова година!