| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија од 73. позиција ја чека силната Белгија на мегдан (видео)

Македонската фудбалска репрезентација повторно напредуваше на најновата  ранг-листа na ФИФА и од 73. позиција ќе ја пречека силната Белгија, на 22 март во Скопје. Минатиот месец бевме на 78. место, а сега со 487 бода сме за 5 скалила подобри. Белгијците се 19., а на гости ни доаѓаат со комплетен состав, со дузина светски ѕвезди.

На арената „Филип Втори“, од 20.45 часот, ќе имаме можност да ги гледаме Азар од Челси, Фермален од Арсенал, Фертонген од Тотенхем, Компани од Манчестер сити, Фелаини од Евертон, Ван Бајтен од Баерн, Витсел од Зенит, Лукаку, Бентеке, Дефур, Дембеле, сите членови на англиските премиер-лигаши. Состав што се чини нема слаба точка, и кој ја прави Белгија најперспективна светска репрезентација.

Македонскиот селектор Чедомир Јаневски добро ги познава бидејќи долго живее во Белгија.

Нѐ грее оптимизмот по добрите резултати, откако тој го презеде кормилото на националниот состав. Ги победивме силните Србија, Словенија и Данска, ремизиравме со Шкотска, а  двапати несреќно во дуели во кои не бевме надиграни загубивме од Хрватска. Евентуален подвиг против атрактивната Белгија, во двата блок-натпревари. на 22 март во Скопје и 4 дена подоцна во Брисел, би значело вклучување во битка за врвот на табелата, во групата А од квалификациите за СП во Бразил. Сепак, Белгија е тврд орев и е фаворит против нас.

Со нив имаме играно двапати, во квалификациите за ЕП во 1996 година и имаме реми од 1-1 во Брисел и дебакл од 0-5 во Скопје.

– Ние сме фаворити, но тоа е само на хартија. Македонците се во подем, одиграа неколку добри натпревари, со одлични резултати и нема да ни биде воопшто лесно против нив. Особено во Скопје, каде што нѐ чека пеколна атмосфера и преполн стадион. Ќе се подготвиме добро за да одговориме на предизвикот и да продолжиме со добри игри и резултати – рече Марк Вилмотс, селекторот на Белгија. Тој го објави комплетниот состав од 24 играчи.

Голмани: Куртоа (Атлетико Мадрид), Жиле (Торино), Мињоле (Сандерленд).

Одбрана:  Компани (Манчестер сити), Фермален (Арсенал), Фертонген (Тотенхем), Ван Бајтен (Баерн Минхен), Ломбартс (Зенит), Алдервирлд (Ајакс), Циман (Стандард), Покоњоли (Хановер).

Среден ред: Витсел (Зенит), Дефур (Порто), Дембеле (Тотенхем), Фелаини (Евертон), Чадли (Твенте), Симонс (Нирнберг).

Напад: Бентеке (Астон Вила), Азар (Челси), Лукаку (ВБА), Мартенс (ПСВ), Миралас (Евертон), Де Бруин (Вердер), Фосен (Генк).

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top