Продолжува потрагата по двајцата осомничени за нападот на францускиот „Шарли ебдо“. Последните информации што ги потврдија француските власти велат дека терористите држат едно лице како заложник, по престрелката што се случи изутринава во Дамартан ен Гуел.
Тешко вооружени полициски сили, поддржани со неколку хеликоптери се наоѓаат на самото место, држејќи ги под опсада грабнувачите, кои се сокрија во една мала печатница, каде што држат како заложеник едно лице.
Министерот за внатрешни работи Бернар Казенев потврди дека операцијата е во тек, но дека засега не е дадена наредба за напад.
Двајцата терористи што го извршија нападот во Шарли Ебдо, беа формално идентификувани откако изутринава грабнале автомобил од марката „пежо 206“, по што тие биле пресретнати од полициска контрола, при што имало престрелка и терористите се сокриле во печатницата.
Во меѓувреме, францускиот премиер Мануел Валс изјави дека Франција се наоѓа во војна против тероризмот.
– Ние сме во војна против тероризмот. Ние не сме во војна против една религија, против една цивилизација – изјави премиерот Валс на состанокот со префектите во Министерството за внатрешни работи.
Валс додаде дека е потребно да се преземат нови мерки за да се одговори на терористичката закана по атентатот врз „Шарли ебдо“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.