| четврток, 6 декември 2018 |

„Македоника литера“ ја објави книгата за деца „Умееш ли да свиркаш, Јохана“ од Улф Старк

Во издание на „Македоника литера“ од Скопје неодамна од печат излезе книгата за деца „Умееш ли да свиркаш, Јохана“ од познатиот шведски писател за деца Улф Старк, а илустрирана од Ана Хеглунд. Книгата е целосно илустрирана и е печатена во боја, а ја преведе Лилјана Илиевска.

„Умееш ли да свиркаш, Јохана“ на Улф Старк е современа и топла приказна, а е насловена според истоимената стара шведска народна песна. Ова негово дело стана култна книга во Шведска, има и филмска верзија, која секоја година на Божик, традиционално се емитува на Шведската телевизија.

Едниот од двата главни лика во приказната, исто така, се вика Улф. Неговиот другар Бера посакува да има дедо. Ама Улф не е Улф ако не е голем другар, па за среќа на својот другар, знае точно каде може да се најде дедо. Го наоѓаат најдобриот дедо, кој потоа ќе го направи најубавиот летачки змеј. И, кој умееше да свирка – нешто што Бера, најмногу од сè, посакува да научи…

Улф Старк (1944) е еден од најпознатите шведски автори. Има напишано педесетина книги и е преведен на повеќе од триесет јазици. Творештвото на Улф Старк е разновидно. Пишува од сликовници до романи за младите читатели. Неколку свои книги ги има преработено во филмски сценарија и е добитник на многу престижни награди, меѓу кои и наградата Август за ова книга. Како што констатирало жирито за наградата Август, „Умее ли да свиркаш, Јохана“ претставува „прекрасна приказна за дружењето, авантурата, љубовта и смртта“.

Во април 2013 година Улф Старк престојуваше во Македонија и веднаш го привлече вниманието кај проследувачите на литературата за деца и кај читателите. Тогаш гостуваше и на саемот на книгата во Скопје. Ова е прв превод на македонски јазик на негова книга.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top