| четврток, 6 декември 2018 |

Божикната пиеса „Новиот цар“ од Томислав Османли објавена во пресрет на Божик

Во пресрет на новогодишните и божиќните празници во издание на „Либи“, дел од книгоиздателството  „Арс ламина“ од Скопје, беше објавена книгата со драмскиот текст „Новиот цар“ од писателот Томислав Османли. Книгата со божикниот драмски текст за деца го носи поднасловот „Приказна за раѓањето на Царот на царевите“ и претставува инсценација на повеста за раѓањето на Исус  раскажана низ 12 сцени, со почетна игра, пролог и епилог. Почетната игра ги претставува традиционалните коледарските песни што се пејат не само во Скопје, ами и низ Македонија.

Оваа книга проследена со повеќе шарматни илустрации и со постојано присутната сјајна Витлеемска ѕвезда се отвора со најавата „Кога се раѓаат големите цареви, на небото се појавува сјајна Ѕвеѕда“. Така, Витлеемската ѕвезда која го најавува раѓањето на малиот Христос  е еден вид постојано присутне лик на дејствието на оваа топло раскажана детска пиеса која почнува со раскажувањето на ангелот Гавриил. Шармот на пиесата го чини радосниот и разигран начин на претставување на религиозната приказна на Рождеството, блиска до сензибилитетот на најмладата публика.

-Меѓу сите приказни за деца најмногу ми се допаѓаат оние за раѓањето на знаменитите младенчиња бидејќи со нив се најавуваат големи, визбудливи и важни подвизи на етичните херои – вели авторот Томислав Османли кој, пишувајќи на оваа пиеса, едновремено оствари и еден свој  детски сон

– Но, меѓу сите нив најтопло ја чувствувам повеста за раѓањето на Исус зашто неговот подвиг е внатрешен, и пред сѐ морален. За разлика од останатите принцови и кралеви со полубожествени потекла, витлеемскиот богомладенец се јавува како Новиот цар на Добрината и на човекољубивоста. Во времето кога нашиот живот го загадуваат не само Пи-ем честичките туку пред сѐ острите социјални поделености, меркантилизмот, егоизмот и профитерството, приказната за раѓањето на царот на добрината и на сочувствителноста со судбините на другите, не губи, туку постојано добива на вредност и вон божиќните контексти…, вели тој.

Според жанрот пиесата „Новиот цар“ е божиќна мистерија, една од оние предлошки што низ театарските професионални, но и аматерски и училишни сцени, како на земјите од соседството, посебно низ оние на Европа и на прекуокеанскиот свет, се играат пред публиката од стари и млади гледачи и ја одбележуваат атмосферата на божиќните празници. Со појавата на оваа божиќна пиеса, и кај нас се надополнува токму таа празнина на божикниот жанр и празничен контекст. Имено „Новиот цар“ беше напишан, за прв пат објавен и поставен на сцена во далечната 2000-та година и тој е првиот македонски драмски текст не само по повод стапувањето на вориот милениум од раѓањето на Христос, туку воопшто и драмски текст на религиозна тема.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top