Шериф Куачи (32), еден од двајцата браќа – исламисти кои се единствените осомничени за масакрот во редакцијата на „Шарли ебдо“ во Париз вчера, и по кои француската полиција интензивно трага, во 2005 година се појавил како рапер во еден документарен филм на француска телевизија.
Во документарниот филм емитуван на телевизиски канал, Шериф Куачи опишувал како во радикален исламизам него и неговиот брат ги вовел имамот Фарид Бенјету. Според тогашното признание на Шериф, имамот им овозможил на двајцата да се чувствуваат важно. Раскажувал и како го учеле да користи „калашников“.
– Фарид ми рече дека неговите текстови се доказ зошто е добро да се биде бомбаш-самоубиец. Тој во своите текстови пишува колку е добро да се умре како маченик – се зборовите на Шериф во документарниот филм.
Браќата се родени во Париз. Останале сирачиња и живееле во Бретања, а кога наполниле 18 години се преселиле во Париз, каде живееле во сиромашна населба во 19. арондисман. Шериф уште тогаш бил апсен поради поседување дрога и ситен криминал. Работел како курир, продавач на риба, инструктор по фитнес, а едно време се обидувал да изгради кариера како рапер. За неговиот брат Саид (34) се знае многу помалку.
Набрзо биле вклучени во група, која ја воделе два имама од северен Париз, а според француската разузнавачка антитерористичка единица, станува збор за банда млади хулигани кои станале радикални. Се верува дека Шериф станал радикален исламист во 2003 година, по инвазијата на Ирак и извештаите за малтретирање на затворениците во затворот Абу Граиб. Под водство на емирот Фарид Бенјету, Шериф регрутирал џихадисти кои ќе се приклучат на Ал каида во Ирак.
Инаку бил апсен три пати – во 2005, 2008 и во 2010 година. На 14 мај 2008 година бил осуден на три години затвор поради поврзаност со џихадисти во Ирак.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.