Европската комисија предложи дополнителни 1,8 милијарди евра макрофинансиската помош за Украина. Целта е да и помогне на земјата погодена од длабоката рецесија и конфликт во источниот дел, па Комисијата ја предложи нова макрофинансиска помош со среднорочен кредит од речиси две милијарди евра.
Оваа нова програма, која треба да биде одобрена од страна на Европскиот парламент и на Советот на министри на ЕУ, има за цел економски и финансиски да и помогне на Украина во услови на критичните предизвици со кои се соочува земјата, како што се слабиот платен биланс и фискалната ситуација. Намерата е, како што информира Европската комисија, да им се помогне и на новите владини реформи ориентирани кон зајакнување на земјата во однос на економските и политички предизвици. Оваа помош, според официјален Брисел, ќе биде поврзана со одредени реформски активности.
-Украина не е сама и Европа стои обединето зад земјата и реформската агенда на новата влада. Нашите акции зборуваат погласно од нашите зборови. Европската Унија обезбедува голема финансиска поддршка и денешниот предлог го докажува тоа. Ние сме подготвени да продолжиме со обезбедувањето на поддршка и ова е европска солидарност на дело. Како и секогаш, солидарноста оди рака под рака со посветеност кон реформите, кои се итно потребни во Украина и ние сакаме да и помогне на украинската Влада да ја стави својата реформска агенда во пракса и таа да предизвика вистинска промена во земјата и кај нејзиниот народ- истакна претседателот на Еврокомисијата, Жан-Клод Јункер.
Откако оваа одлука ќе биде и официјално потврдена од Европарламентот и Советот, што е предуслов за исплата, тоа ќе биде успешно продолжување на тековната програма на ММФ за Украина и спроведување на нејзините економски и финансиски политики.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


