
Штипјани за две недели двапати останаа без вода за пиење подолго од 24 часа, овој пат поради активности на водоводната мрежа, кои ги изведува ЈП „Исар“.
Според Лидија Коцева, раководителката на РЕ „Водовод и канализација“ при ЈП „Исар“, станува збор за поголеми зафати, кои се состојат од монтажа на табла-затворач на каналот за распределба од филтер-станицата, санација на настанатите проблеми по течението на хидрофорската постојка, монтажа на нов вентил на излезот од филтер-станицата, како и поврзување на „Линијата 2“ со индустриската развојна зона.
„Линијата 2“ е магистрален цевковод, кој ќе ги поврзе резервоарите во мерите и во населбата Пребег. Со изградбата на оваа линија треба да се овозможи дистрибуција на 250 литри во секунда вода за пиење. Овие 250 литри ќе бидат распределени по 120 литри за индустриската зона, 130 литри за населбите Пребег, Железничка и Ново Село – изјави Никола Мицевски, директор на ЈП „Исар“ од Штип.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


