Еден од тројцата осомничени терористи што го извршија масакрот во редакцијата на сатиричниот неделник „Шарли ебдо“, 18-годишниот Хамид Мурад се предал на полицијата вчеравечер во полициската станица во гратчето Шарвил-Мезиерес на границата со Белгија. Полицијата потоа побара помош од јавноста во потрагата по останатите двајца осомничени браќата Шериф и Саид Куачи.
Полициски извори соопштиле дека еден од нив е идентификуван со помош на личната карта која ја оставил во автомобилот со кој избегале.
Браќата Куачи се од Париз, додека Мурад е од североисточниот град Рем. Мурад се предал откако видел дека неговото име кружи на социјалните мрежи, навел извор на „Франс прес“. Наводно тврдел дека е невин и дека за време на нападот бил во училиште.
Дванаесет лица, меѓу кои двајца полицајци и пет новинари, се убиени, а 11 се ранети во нападот што го изведоа тројца маскирани мажи во редакцијата на неделникот „Шарли ебдо“ во Париз. Ова е најсмртоносниот напад на територијата на Франција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.