| четврток, 6 декември 2018 |

Скопјанец криел оружје и спречувал полициски претрес

пистол

Кривична пријава и притвор од 30 дена добил 43-годишниот скопјанец Д.Ѓ. осомничен дека неовластено набавил и поседувал поголема количина огнено оружје и муниција.

МВР соопшти дека тој два часа ја спречувал полицијата да го претресе неговиот дом во село Раштак, држејќи го своето малолетно дете како заложник.

Наредбата од судија за претрес на неговиот дом била извршена на 2 јануари по претходни сознанија дека тој неовластено набавил и чува оружје и муниција.

– Кога полициските службеници пристигнале пред домот на пријавениот и затропале на влезната врата, на еден од прозорците се појавил пријавениот со неговата сопруга и малолетно дете, кое го држел во раце, и вперувајќи пушка кон полициските службеници им се заканил дека ако се обидат да влезат ќе пука и во нив и во сопственото дете, по што со мебел  ги забарикадирал двете влезни врати од куќата – соопшти МВР.

По два часа преговарање, Д.Ѓ. се согласил во куќата да влезе еден од полициските службеници на Единицата за недозволена трговија со оружје и експлозивни материи. Во момент кога Д.Ѓ. се оддалечил од сопругата и детето,  бил совладан и бил извршен претерсот.

Притоа, соопшти МВР, биле пронајдени:  пушка „М-48“ калибар 7,9 мм, пушка „Чешка Збројовка“ кал. 22 мм со оптика „ГАМО“  4х20 TVWA; ловечка пушка „ЦЗ“ кал. 12 мм, автоматска пушка непозната марка и калибар, револвер непозната марка и калибар,  пиштол „ЦЗ М-70“ кал. 9 мм и рамка со пет куршуми за истиот,  воздушна пушка „Метеор“ В3 кал. 4,5 мм, воздушна пушка „ГАМО“ кал. 6,35 мм, 131 парче различен калибар на муниција, 31 парче боева муниција, делови за различни типови оружје и машинка за полнење патрони.

МВР информира дека Д.Ѓ. поседувал дозвола за пиштол и пушка, а во разговорот одбил да одгвоори од каде и како ги набавил оружјето и муницијата откриени во неговиот дом. Во 1990-тите години тој двапати бил кривично пријавен за извршени две тешки кражби.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top