Иран не може да достигне одржлив развој во изолација, изјави денеска иранскиот претседател Хасан Рохани, истакнувајќи дека неговата земја нема да тргува со своите принципи поради постигнување нуклеарен договор со светските сили.
Нашето политичко искуство ни покажува дека земјата не може да достигне стабилен раст во изолација, но тоа не значи дека ќе се откажаме од нашите ставови, нагласи Рохани на отворање на економската конференција во Техеран.
Тој додаде дека преговорите за иранската нуклеарна програма се посветени на воспоставување мост меѓу Иран и Групата 5+1 (САД, Велика Британија, Франција, Русија, Кина и Германија) за надминување на недоразбирањата.
Деновите кога се зборуваше дека доаѓањето на странските инвеститори ќе ја загрози нашата независност, поминаа. Сакаме да стоиме на свои нозе, да имаме помала потреба од извоз на нафта и доколку тоа се случи, нашите нуклеарни преговори брзо ќе напредуваат, потенцира иранскиот лидер.
Во текот на преговорите Иран и „преговарачката шесторка“ се договориле да ги продолжат разговорите до 1 јули, бидејќи не е постигнат конечен договор за голем број клучни прашања.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.