Изминатата 2014 година од аспект на странските инвестиции е најуспешна. Вкупно 13 компании донесоа одлука за вложување во Македонија и ги почнаа или објавија своите инвестиции.
Како што рече денеска директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски и развојни зони (ТИРЗ) Виктор Мизо, во компаниите во зоните се отворени дополнителни илјада работни места, а извозот достигнал 1,170 милијарди евра или 54 отсто повеќе од лани.
Во 13-те компании кои одлучија да инвестираат во Македонија ќе се вработат над 12.500 лица. Моментно бројката на вработени е 3.500. Годинава се очекува нејзино зголемување, односно отворање на уште 400 до 500 нови вработувања, истакна Мизо.
Според проценките, во 2015 треба да се зголеми и извозот за уште 10 до 15 проценти. Мизо изрази задоволство што се поголем е интересот на странските компании за вложувања надвор од главниот град. Тоа, подвлече, и практично ќе ја реализира целта на Владата за рамномерен регионален економски развој.
Одговорајќи на новинарски прашања, директорот на Дирекцијата нагласи дека има најави за нови инвестиции и годинава, но ќе се почека до почетокот на февруари кога најверојатно самите компании ќе го објават планираниот инвестициски циклус.
Во првиот квартал од годинава се очекува да почне изградбата и на технолошко инудстриската развојна зона во Делчево. На тој начин целосно ќе се заокружи проектот на ТИРЗ – во Македонија да функционираат вкупно 14 зони.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.