| четврток, 6 декември 2018 |

Спортот во 2014 година – Ракометот најдобар спортски производ на Македонија

Македонската ра­ко­ме­тна бајка продолжи и во 2014 година и повторно на уверлив начин овој спорт го одбрани приматот на број 1 кај нас исто како и  во претходната година, со забележителни успеси и на клупски и на репрезентативен план. Трите екипи од ист град, Скопје, ЖРК и РК Вардар и Металург во иста сезона повторно настапуваат во Лигата на шампионите, подвиг што не го остварила ниту една друга земја, освен Македонија. Вардарки го освоија третото место на фајналфор турнирот во Будимпешта, машката екипа во „црвено-црни бои“ за влакно пропушти настап на завршниот турнир во Келн, а Металург играше ново четвртфинале во ЛШ. Патем машката репрезентација ја очекува настап на Светското првенство во Катар овој месец, што потврдува дека кај нас ракометот е супериорен.

Kiril Lazarov

На меѓународен план во фокусот во годината што измина беше мундијалот во фудбал во Бразил, каде маршираше германската машинерија освојувајќи ја четвртата светска круна. За незаборав е и десеттата титула на Реал Мадрид во Лигата на шампионите, или трофејот што ја круниса „Ла десима“ на кралскиот клуб. Во Сочи, Русија, се одржаа 22. Зимски олимписки игри, а САД со нивниот НБА дрим-тим станаа светски прваци во кошарка на шампионатот во Шпанија.

Со доза на скептицизам ги почнавме квалификациите во кошарка, но под палката на извонредниот стратег Александар Џикиќ со подмладен состав го визиравме патот кон ЕП 2015. МЗТ Скоп­је ја одбрани домашната титула, а Пе­роАн­тиќ брилијантно ја одигра првата сезона НБА сезона во Ат­лан­та хо­укс, ка­ко прв ма­ке­дон­ски ко­шар­кар што е дел од најсилната ли­га­. Најс­лаб сег­мент во колективните спортови ни остана фудбалот со слаб ефект и на клубовите и на репрезентацијата.

МН: Скопје и Македонија веќе се препознатливи на светската ракометна мапа

Ра­ко­ме­тот си има блескаво ми­на­то кај нас, но и уште посветла перс­пе­кти­ва со ус­пе­си кои оста­ваат си­лен белег на планетарно ниво. Комплетната слика во финишот на 2014 година малку ја подрасипа кризата во Металург, клуб што стана бренд во Европа, но се соочи со огромни кадровски и финансиски проблеми што висат во Автокоманда како дамоклов меч. Двојниот четвртфиналист во Лигата на шампионите во април пак се најде меѓу осумтте најсилни екипи во Европа, но Кил беше пресилен за „металурзите“. Новиот циклус во ЛШ е за заборав и Металург поради кризата речиси сам се елиминираше од можноста да направи хет-трик со пласман во ново четвртфинале.

Амбиции за такво нешто има Вардар, според експертите мошне реални, бидејќи „црвено-црните“ имаат и финансии и квалитет за таков дострел, па зошто да не и настап на фајналфор турнирот што би бил историски резултат. Вардар беше на чекор до таков подвиг и во април годинава, но Фленсбург беше посреќен и се извлече во реваншот во Скопје со голот на Егерт на 11 секунди до крајот. Вкупниот резултат од четвртфиналниот двомеч беше израмнет 49-49, но Германците благодарениот на повеќе постигнати голови на гости (Во Фленсбург беше 24-22) заминаа за Келн на завршниот турнир и таму направија сензација со освојување на европската круна. Пред стартот на новиот циклус „црвено-црните“ се засилија со екстраквалитетните Арпад Штербик, Блаженко Лацковиќ и Сергеј Горбох, кои се светски марки во светот на ракометот. Вардар веќе си обезбеди пласман во осминафиналето во ЛШ.

SEHA Vardar Metalurg 11 (Custom)

Најдалеку во 2014 на клупски план стасаа ракометарките на Вардар, до третото место во Европа. Фортуната не им се насмевна на избраничките на Индира Кастратовиќ во мај во Будимпешта. Во клучниот меч, во полуфиналето против Будуќност, вардарки загубија по продолженија и пропадна можноста за атак на самиот врв на Европа. Во новиот циклус во истата година 2014, девојките во „црвено-црни“ дресови пак ја минаа првата фаза по групи и остануваат во игра за повторување на подвигот на Кометал Ѓорче Петров, единствената македонска екипа со европска круна во спортовите со топка.

Во Новата година ракометот повторно најавува дека љубоморно ќе го чува приматот на најпопуларен и најтрофеен спорт кај нас, со присуството на машката репрезентација на светскиот ракометен самит во Катар. Почнуваме со походот против Тунис на 16. јануари, а противници во првата фаза од Б групата во загреб ќе ни бидат и домаќинот Хрватска, БиХ, Австрија и Иран. За да се мине првата фаза треба да се биде најмалку четвртопласиран, а потоа се игра по нокаут систем по принципот прв против четвртопласиран, втор со трет и обратно.

„Голем предизвик и за мене и за сите репрезентативци на Македонија ќе биде учеството на Светското првенство во Катар. Во континуитет постигнуваме добри резултати, а се надевам дека овој шампионат ќе биде круната на оваа генерација“, ни изјави Кирил Лазаров. 

МН: Нова баскет магија во „црвено-жолти“ бои

Во Литванија 2011 имавме незаборавна, историска авантура со освојување на четвртото место на кошаркарскиот самит  на стариот континент, а минијатурна реприза македонските кошаркари направија во квалификациите за ЕП 2015. Предводени од извонредно мудриот, строг, но и квалитетен стратег Александар Џикиќ нашите кошаркари направија подвиг и по петти пат, четврти во низа ќе играат на ЕП.

Без искусните волци, Антиќ, Гечевски, Мекејлеб, Илиевски, Чековски, Самарџиски… новата чета на Џикиќ го освои второто место зад Белгија во Ц групата, доволно за „петка“ според настапи на ЕП. Континуитетот го задржавме со четврто учество по ред на реномираното натпреварување, а полесно од очекувањата се случи подмладување на националната селекција. Магдески, Трајковски, Костоски, Војдан и Дамјан Стојановски… со помош на новиот Американец со македонски пасош Хендрикс покажаа дека имаат сила достојно да не претставуваат на шампионатот во организација на четири земји, Хрватска, Германија, Летонија и Франција.

Kosarka Makedonija Belorusija 03 (Custom)

 

Македонија ќе ја почне авантурата во Хрватска во Загреб со настапи во Ц групата против Хрватска, Словенија, Грција, Грузија и Холандија. Чудесниот распоред сакаше да играме против четири селекции кои ги победивме во Литванија на ЕП 2011, а само Холандија тогаш не беше учесник. Оптимистичките прогнози велат дека е можно во септември кога ќе се игра шампиоантот во строј да бидат дел од јунаците од Литванија, што веројатно ни дава многу поголеми шанси за успех.

За издвојување во освртот на кошаркарската 2014 година е и настапот на Перо Антиќ за Атланта хоукс како прв македонски кошаркар што играл во НБА лигата. Авантурата на 32-годишниот крилен центар на „јастребите“ почна во 2013 година, а успешно продолжи со пласман во плејофот во 2014 година. Перо со прекрасните игри се избори и за настап на „Ол-стар“ викендот во Њу Орлеанс на почетокот на годинава, како дел од „Рајзинг стар челенџот“, но поради повреда не настапи. Со Хоукс се избори и за учество во плејофот, но во неизвесна серија загубија во првата рунда на Истокот со 3-4. Македонците, особено тие што живеат во САД и Канада уживаа во живо во прекрасните претстави на Антиќ, а тој одлично не претставува преку беспрекорната машинерија наречена НБА лига.

antic

Годината што измина беше и во знакот на Светското првенство во Шпанија, а очекувано титулата им припадна на волшебниците од САД. Новиот дрим-тим предводен од Кајри Ирвинг, најкорисниот играч во финалето, суверено ја освои круната. Во финалето со цели 37 поени разлика, 129-92 ја декласираа Србија, селекција што беше вистински хит на шампионатот.

На домашен план МЗТ Скопје направи хет-трик според бројот на титули, го освои и националниот куп, комплетирајќи двојна круна, но надвор од нашата земја во Јадранската лига немаше посериозен исчекор.

МН: Германија нов фудбалски владател на планетата, Македонија финишира со стотка

Германија фудбалски ја покори планетата со освојување на четвртата светска круна на 20. јубилеен мундијал во Бразил, што ги „окупираше“ фудбалските симпаризери во јуни и јули 2104 година. Бубамарата беше во фокусот цел месец, а од почеток до крај доминираше „елфот“. Германците играа модерно, цврсто, ефикасно и ефектно, што на крајот им ја донесе четвртата круна.

Посебно ќе се памети фудбалската рапсодија на избраниците на Јоаким Лев против домаќинот Бразил и победата од неверојатни 7-1. Се работи за полуфинале на СП, а дебакл доживеа домаќинот Бразил, селекција која се уште е најтрофејна во историјата на мундијалите со 5 титули. Но, на 8. јули 2014 година во Бело Хоризонте, се беше црно за „кариоките“ кои беа фудбалски понижени од Германците. Натпреварот што беше прогласен за финале пред финалето личеше на игра на мачка и на глушец, а по импресивните 7-1, Германците дури изјавуваа дека намерно подзапреле со темпото во второто полувреме од жал за противникот.

Во финалето Аргентина со сосема поинаква тактика од Бразилците беше рамноправен ривал за Томас Милер и соиграчите, но со голот на Геце во дополнителното време Германија се круниса во нов фудбалски владетел на планетата. И тоа на легендарната „Маракана“ на баксузниот 13-ти јули, датум што се покажа како среќен за новиот светски првак Германија.

Brazil Germanija 06 (Custom)

За Македонија предалеку беше Бразил, а уште едно големо натпреварување мина без нас. За деби ќе почекаме нова шанса, иако тешко ни оди и на клупски и на репрезентативен план. Македонската национална селекција ја заврши оваа година на стотата позиција на ФИФА ранг-листата. Бевме и полошо рангирани, а немаме забележителен успех ниту во тековните квалификации за пробив до ЕП во Франција за неполни две години. На речиси половина пат од квалификациите Македонија е на четвртата позиција со три бода во конкуренција на шест селекции. Го победивме само Луксембург и тоа со многу мака со 3-2 во Скопје, а загубивме од Шпанија, Украина и од Словачка, што не ни дава сериозна подлога за оптимизам за пат во Франција.

luksemburgo

И на клупски план тапкаме во место, а настап на македонска екипа во фазата по групи во ЛШ или ЛЕ се уште е недостижен сон. Предводени од освојувачот на двојната круна Работнички сите наши претставници, а учествуваа четири екипи испаднаа во раната квалификациска фаза. Металург мина две пречки во филтер рундите за настап во ЛЕ, но кипарска Омонија беше пресилна и со две победи и вкупен резултат од 4-0 мина понатаму. 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top