| четврток, 6 декември 2018 |

Понудите за Нова година во Скопје

Доколку сѐ уште не сте одлучиле каде ќе прославувате оваа вечер, а не сакате тоа да биде домашна забава, понудите низ Скопје се различни. Од ресторанско мени, преку кафулиња со ограничен пијалак, до електронски журки или забави со македонски пејачи.

Град Скопје организира забава на плоштадот Пела која ќе започне во 21 часот, а ќе ја водат Сашко Коцев и Маријана Станојковска. Според најавената програма први ќе настапат „Саунд месинџерс“, односно Ерик Фокс и Симона Поповска. По нив на бината ќе застанат Маја Панчева, Мустафа Имери, Даниел Кајмаковски, „Куку леле“, Есма Реџепова-Теодосиевска, Сузана Спасовска, Наум Петрески. По нив , на полноќ ќе запее Елена Ристевска, додека забавата ќе заврши со настапот на Дани до 1 часот по полноќ.

Кафулето „Дежаву“ во Капитол мол, за дневната забава со Бени и неговиот бенд не го наплаќа влезот, додека за вечерта наплаќа само влез 500 денари и ги нуди храната и пијалоците по секојдневната цена.

Во „Чао“ задолжени за музиката ќе бидат диџеите Напстер и Синиша. За стоење се наплаќа 1.000 денари ( 1 ваучер за пиење до 1.000 денари, сѐ што се надминува се доплаќа), за коњопој – 5.000 денари ( 5 ваучери за пиење до 5.000 денари, сѐ што се надминува се доплаќа), и коњопој од 6.000 денари ( 6 ваучери за пиење до 6 000 денари, сѐ што се надминува се доплаќа). Сепаре чини 8.000 денари ( 8 ваучери за пиење до 8 000 денари, сѐ што се надминува се доплаќа).

Кафе „Чептер“ во Ситимол нуди влезница од 1.000 ден која е ваучер со 5 алкохолни пијалаци. Ако сакате да резервирате маса, важат следните услови: коњопој за максимум 5 лица и ваучер за пиење од 5.000 денари чини исто толку(се што ќе надминете се наплаќа по редовна цена), коњопој за максимум 8 лица и ваучер за пиење од 8.000 денари и истите услови за надминување чини истотака 8.000 денари. За сепаре за максимум 6 лица и ваучер за пиење од 6.000 денари, плаќате 6.000 и редовна цена за се што ќе надминете.

Во клуб МКЦ со музиката на „Деј оф“ се нудат два пакети: 1.800 денари со вклучено целосно мени во ресторанскиот дел или 1.200 денари со вклучени 3 пијалоци и мезе-грицки на коњопој во клупскиот дел.

Клуб и ресторан „Чикаго“ во својата понуда нуди „културна, весела, распеана и разиграна забава“ со караоке и латино забава. Дочекот чини 1.299 денари во кои се вклучени неограничено јадење и пиење, но не и бесплатно консумирање виски. Шише од овој жесток пијалак ќе се нуди по промотивна цена од 1.700 денари.

Во барот „Роад хаус“ местата се ограничени (50 места). Таму за 1.500 денари добивате богато бифе и неограничено пиење.

Во ресторан „Бисера“ добивате „свадбарско“ мени за 1.650 денари. И тука неограниченото пиење се ограничува, така што пиете само до класа на шток, коњак, вотка и сортни вина.

Во ресторан „Градина“ нема ограничување на тоа каков пијалак може да пиете, добивате исто така новогодишно мени, а цената изнесува 2.000 денари по човек.

Метрополис арена“ го нуди „Најдоброто од Македонија“. „Суперхикс“, Гоце САФ, „Пеперминт“, ЛД Пистолеро и Самоил Радински ќе може да ги слушате по цена од 200 денари за купена карта до 20 декември, 300 денари а прославата, 400 денари на врата и 500 денари за ВИП карта. 4.000 денари чини ВИП пакет кој вклучува 4 ВИП билети, барска маса и шише Јегер/Финландија/Џек Даниелс.

Во арената „Борис Трајковски“ ќе има денс дочек, а како главни транс диџеи и гости се дуото Max Lanfranconi & Maurizio Beggoti. Тука влезницата изнесува 500 денари во препродажба и 700 на врата.

Во „Капан ан“ за 300 денари добивате музика од 10 диџеи и бесплатно овошје и грицки.

„Летечки пекинезери“ и „Фолтин“ ќе настапуваат во „Сити хол“. Влезниците во претпродажба чинат 650 денари до 22 декември, а потоа ќе се продаваат по цена од 800 денари.

Во „Супер клуб“ се организира македонска транс психоделична забава со цена на влезници – 350 денари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top