| четврток, 6 декември 2018 |

Кулиќ: Претседателот Трајковски загинал од самиот удар, сè друго е само заговор

Kulic
Никогаш не е докажано дека копилотот кој тоа утро управувал тој ден со авионот некогаш се школувал за тој вид летови каков што обавувал тој ден. Комисијата не пронајде дека некаде се обучувал за лет во облаци, иако има добиено лиценца за таков вид летови. Никогаш не завршил училиште, никогаш не бил обучен за такви летови – вели Омер Кулиќ во интервју за Република ТВ.

Босанскиот истражувач, кој две години работеше на новиот извештај за несреќата во која загина Борис Трајковски, вели дека сигурно не станува збор за терористички акт, атентат.

Тој вели дека теориите на заговор дека се работи за атентат се невистинити и смета дека правосудните органи мора да преземат мерки за оние кои тоа го тврдат.

Кулиќ нагласува дека и македонското и босанското обвинителство имаат добиено извештај со имињата на сите оние кои имаат некаква одговорност. Тврди дека за секој збор во извештајот има доказ. Премиерот Никола Груевски го запрашал дали се подготвени да разговараат со пилотите кои летаат во Македонија. Се сретнал со нив и тие се согласиле со извештајот што е подготвен.

Вели критиките за извештајот дадени пред тој да биде објавен се дело на злонамерници кои сакаат на одреден начин да излезат во јавност, да бидат видени, а поинаква шанса немале.

– Ние немавме инструменти за присила, кој сака да соработува нека сорабoтува, кој не, не. Имавме проблеми со СФОР кои не сакаа да соработуваат. Им се обраќавме, но не одговараа. Во Македонија имавме проблеми со Агенција за цивилно воздухопловство.За многу документи требаше да ургираме. Зашто тоа го правеа не би навлегувал. Немавме добра соработка, а немаше образложение зошто е така. За документи кои се земаат за 15 минути ние ги добивавме за 2-3 месеци – коментира Кулиќ.

Tој не сака да навлегува зошто СФОР не дал информација кога го нашол паднатиот авион. Вели, тоа не е нивна работа. Докажано е дека загинале од ударот на авионот, кој потоа се запалил. Тој нагласува дека извештајот не дава препораки кои луѓе да се гонат. Тоа е работа на обвинителството.

-Претседателот Борис Трајковски загинал при самиот пад на авионот, при ударот во земја. Патолозите утврдиле дека сите патници од ударот го загубиле животот – вели Кулиќ.

Според него се останато се само заговори. Човечкото тело не може да го преживее тој удар.

Тој објаснува дека авионот при падот удрил на задните тркла, а со десното крило удрил во камења, крилото се одвоило, горивото истекло. Трупот на авионот се свртел и паднал на грб. Сите патници паднале на глава. Од другото крило истекло бензин и се запалиле и телата.

Целото интервју погледнете го на ТВ Република

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top