| четврток, 6 декември 2018 |

„Црвен тепих за граѓаните“ во Владата (видео)

132442004

Граѓаните денеска имаа можност да ја посетат Владата на Република Македонија, да прошетаат низ објектот и во работните сали и да видат како работат институциите, во рамки на манифестацијата „Црвен тепих за граѓаните“.

– Манифестацијата „Црвен тепих за граѓаните“ е дел од проектите што ги реализира Владата со цел да се овозможи отвореност и транспарентност на работата на институциите и непосреден увид на граѓаните во она што го работат институциите. Граѓаните да бидат во институциите затоа што тие им припаѓаат нив, тие се бирани од граѓаните и во крајна истанца им припаѓаат нив, изјави владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Надлежните служби им објаснуваат за спецификата на определен дел од Владата, салите  каде што се одржуваат прес-конференции, владините седници, седниците на посебните работни тела.

Одржувањето на манифестацијата „Црвен тепих за граѓаните“ беше објавена на почетокот во декември за што имаше јавен повик до граѓаните што сакаат да се вклучат. Повикот беше објавен во дневни весници во периодот од 9 до 15 декември, а граѓаните можеа да се пријават на телефонските броеви што беа оставени.

– Со цел да се избегнат било какви толкувања, информираме дека групите кои согласно процедурата и протоколот беа предвидени да ја посетат Владата во периодот после 13 часот, нивните посети ќе бидат одложени од објективни причини и ќе бидат презакажани за следниот понеделник, 29 декември. Тие веќе се информирани за процесот на откажување, односно презакажување на нивната посета, а за конкретното време дополнително ќе бидат известени од страна на владините служби, појасни Ѓорѓиев.

На новинарско прашање дали биле примани граѓани со конкретни барања и проблеми, Ѓорѓиев истакна дека сите кои присуствуваат на оваа манифестација по завршувањето на посетата доколку имаат определена потреба да произнесат свое барање кон Владата или надлежните служби ќе бидат примени и ќе се постапува врз основа на нивните барања.

– Секој ден, во секој момент, постои посебна служба на Владата во која секој граѓанин што има каква било потреба, желба, проблем, предизвик за кој е потребно помош во неговото надминување може да се обрати кај службите. Ќе биде примен од надлежните служби, ќе има можност да го истакне своето барање, проблем, идеја и во соодветна процедура понатаму ќе ги разгледаме сите оние работи и онаму каде што можеме согласно нашите ингеренции и надлежности тоа ќе го направиме како и досега, нагласи Ѓорѓиев.

Поголем дел од граѓаните што ја посетија Владата беа задовболни од нејзината работа и побараа манифестацијата да се одржува повеќе пати во годината

Билјана Алексова Даневска рече дека е прв пат на манифестацијата и оти и се допаѓа идејата.

– Ова е можност да го видиме она што во текот на годината го гледаме на телевизија и лично да се запознаеме со просториите и со вработените во Владата. Препорачувам почести средби за комуникација со граѓаните затоа што сите се соочуваат со некој проблем и да има можност на посреден или непосреден начин каде да се образложи тој проблем, да се побара совет, помош, рече Алексова – Даневска.

Кире Алексов Даневски истакна дека видел во медиумите за манифестацијата и се пријавил да види одблиску како работи Владата.

Ќазим Османовиќ рече дека нема личен проблем, но смета дека почесто треба има средби со граѓаните.

Манифестацијата „Црвен тепих за граѓаните“ се одржува по осми пат, а претходно се одржа „Отворена седница на Владата“, додека третиот дел од проектите за транспарентност и отвореност „Денот на идеите“ ќе се реализира во првиот квартал од идната година.


Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top