| четврток, 6 декември 2018 |

(Видео) Новогодишна честитка од Лино Червар: Металург ќе се врати на победничките патеки

Лино Червар е оптимист и вели дека Металург во 2015 година ќе се врати на победничките патеки и ќе ги надмине сите проблеми.

lino-cervar01

Во новогодишната честитка објавена на клупскиот сајт, хрватскиот стратег посака многу здравје, среќа и успеси со верба дека Металург повторно ќе биде во препознатливиот сјај.

„Знам дека нашите навивачи, но и сите луѓе што го сакаат ракометот се интересираат за иднината на Металург. Јас можам да кажам само една работа, па и да им се извинам на навивачите бидејќи во последните два-три месеци не ги исполнивме нивните очекувања. Сепак, сето тоа што го направивме годинава, како и во претходните неколку години, не може да се избрише. РК Металург во 2014 година го забележи најдобриот можен резултат, од квалификациите за ЛШ стигнавме меѓу осумте најдобри клубови во Европа.

Исто така, морам да кажам дека ние сè уште, до крајот на оваа сезона сме актуелни шампиони на Македонија и на тоа сме многу горди. Ова што се случи, се случило претходно и во многу други клубови, не само кај нас… Имаме проблеми, но цврсто сум убеден дека РК Металург на чело со својот спонзор Минчо Јорданов и со сите луѓе во и околу клубот, ќе им дадеме на нашите навивачи нови причини за радост. И уште многу, многу победи со еден македонски концепт, концепт во кој веруваат сите наши навивачи и сите оние на кои им е мило што македонскиот спорт вложува во наши деца кои ќе покажат дека и ние во Македонија имаме многу таленти, па не треба да стравуваме ниту за иднината на клубот, ниту пак за онаа на македонскиот ракомет севкупно. Тоа е моето новогодишно ветување, дека и во 2015 година ќе гледаме еден многу атрактивен и многу силен Металург“, вели во новогодишната честитка Червар. 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top