| четврток, 6 декември 2018 |

Бакрачески: „Костал“ ќе донесе економско заживување на Охрид

bakra

– Инвестицијата на „Костал“ е уште една потврда на нашите приоритетни определби и силни напори, и како Влада и како локална самоуправа, да чекориме по патот што го трасиравме од добивањето на мандатот од граѓаните – за стопанско заживување на Охрид, подигање на локалната економија, креирање нови работни места и сигурно подигање на стандардот на живеење – рече денеска градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески.

– Успеваме. По „ОДВ Електрик“, како што ветивме, и „Костал“ конечно доаѓа во Охрид. Оваа компанија-гигант е водечки извозник на технолошко-напредни производи од електрониката, електромеханиката и мехатрониката за автомобилската и други сродни  индустрии. Располага со 38 капацитети во 17 земји на четири континенти и глобално вработува дури 15 илјади луѓе – посочи Бакрачески на прес-конференција.

Според него, „ОДВ – Електрик“ и „Костал“ се најдобра потврда за грижата и посветеноста на локалната самоуправа за заживување на Охрид, како и за сериозната економска политика што се води.

– И двете инвестиции на два силни гиганта од Германија кои ќе отворат над 2.000 нови работни места, повеќе од очигледно ветуваат сериозно стопанско воздигнување на Охрид по долгиот 23-годишен период на дезинтеграција на стопанско-индустрискиот систем во кој со ретки исклучоци на рестартирање, беа затворени буквално сите производствени  и стопански капацитети, а илјадници граѓани останаа без работа и можност за егзистенција – напомена градоначалникот.

Инвестицискиот план на „Костал“, додаде, се поклопува со локалната стратегија за економски раст и развој на градот.

– Во фабриката наредните 2-3 години етапно, се очекува да бидат работно ангажирани над 1.000 работници и стручен кадар од разни профили. Индиректно, преку создавање мрежа од локални компании – кооперанти и фирми добавувачи, се отвора сериозна можност бројот на вработувања да биде многу поголем. Намерата на „Костал“ е да  ги искористи сите сродни локални капацитети и вештини за да ги задоволи потребите за успех. Во почетокот на 2015 година почнува како браунфилд инвестиција, а по две години ќе се трансформира во целосна гринфилд во ТИРЗ Охрид- Струга – рече Бакрачески.

Според него, тоа не е се. Вработувањата во Охрид веројатно ќе бележат нагорна линија, земајќи ја предвид моментната заинтересираност на уште една до две компании од областа на производство  на трансформатори и далноводи, за рестартирање на делови од ЕМО.

– Реализацијата на проектот за изградба на индустриска развојна зона во „Мауцхер“ за која интерес пројавија неколку локални успешни компании,  е факт кој треба сите да не радува и буди надеж дека Охрид сепак ќе биде место кое отвора широки можности за егзистенција на населението и запирање на трендот на иселување од градот – изјави градоначалникот Никола Бакрачески.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top