Сојузот на друштвата за македонски јазик и литература на РМ, најголемото и најстаро здружение на наставници по македонски јазик и литература во земјава, ќе одбележи двоен јубилеј – 60 години од своето основање и 60 години од објавувањето на првиот број на списанието „Литературен збор“.
Шесте децении активно поврзување на наставната теорија и наставната практика на предметот македонски јазик/македонски јазик и литература во основното и во средното образование се доволно долг период за да може за Сојузот на друштвата за македонски јазик и литература на РМ и за неговото печатено гласило, списанието Литературен збор, да се каже дека се препознатлив и неодминлив атрибут на овој дел од воспитно-образовната традиција во Република Македонија.
На свеченоста што по повод јубилејот ќе се одржи во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје, со почеток во 11 часот, пригодни обраќања ќе имаат Гордана Алексова, претседател на Сојузот, како и долгогодишните учесници во работата на Сојузот и членови на Редакцискиот одбор на списанието Литературен збор, професорите Трајко Стаматоски, Вера Стојчевска-Антиќ и Стојка Бојковска. Јубилејот ќе биде повод за навраќање на голем број активности организирани во правец на афирмацијата на македонскиот стандарден јазик во наставната теорија и практика; на зголемувањето на јазичната и читачката култура на младите; на покачувањето на нивото на стручните и на методичко-педагошките способности на наставниците; на зголемувањето на научноста во наставниот процес по македонски јазик и литература во основното и во средното образование во РМ, како и на четиридецениската традиција на организирање и изведување ученички натпревари.
Во чест на овој значаен јубилеј и како продолжување на традицијата на објавување библиографии на трудови отпечатени во списанието Литературен збор, објавена е Библиографија на Литературен збор 2003 – 2013 со 459 наслови на статии, кои во изминатите десет години се најдоа помеѓу кориците на ова вредно стручно помагало.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


