| четврток, 6 декември 2018 |

Швајцарија ги блокираше сметките на Борис Березовски

boris

Швајцарските власти ги блокираа банкарските сметки и ги запленија парите во сопственост на поранешниот руски олигарх Борис Березовски, кој почина во егзил во Велика Британија.

Според руските медиуми, кои се повикуваат на доверлив извор од швајцарската влада, станува збор за 21 милион швајцарски франци, што се запленети врз основа на барањето на јавното обвинителство на Русија.

Се очекува парите да бидат вратени во Русија како „компензација за штетата што Березовски им ја нанел на луѓето со неговото нечесно однесување пред да побегне од Москва во Лондон“.

Московската Управа за јавни приходи ја раководи операцијата во врска со „долговите на Березовски“ кон руската држава, кои, според властите во Русија, се проценуваат на 3,2 милијарди рубли.

Како побарувачи на парите што сега се прикажуваат како „долг“ се и авионската комапнија „Аерофлот“ и регионалните власти во Самара. Најголемиот руски авиопревозник во времето на транзицијата стана сопственост на Березовски, кој во исто време беше сопственик и на компанијата „Автоваз“, која ги произведуваше и продаваше автомобилите „Лада“. Тој беше сопственик и на неколку банки и нафтени компании, а создаде и своја новинска компанија.

Рускиот Федерален суд минатата година поведе правна акција за задоволување на побарувањата што државата ги има од Березовски и со цел неговите „долгови“ да се пренесат на правните наследници.

Борис Березовски, кој во времето на рускиот претседател Борис Елцин беше еден од најбогатите Руси и политички највлијателен меѓу сите олигарси, побегна од Русија откако претходно во март 2000 година му помогна на Владимир Путин да биде избран за претседател.

Официјална Москва го обвини за финансиски и даночни измами, па поднесе барање до британските власти за негова екстрадиција. Целата постапка против Березовски почна откако тој заедно со Михаил Ходорковски најави создавање политичка партија врз опозициска основа и на самиот почеток се судирија со Путин.

Во Лондон Березовски стана најостриот критичар на внатрешната и надворешната политика на претедателот Путин и најсилниот политички дисидент во странство. На неколку пати имаше обиди за атентат врз него, но тој почина во неговата куќа во околината на Лондон, каде што луѓето од обезбедувањети го најдоа мртов во бањата. Според полицијата, неговата смрт остана недоразјаснета, но британските власти не поведоа истрага за убиство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top