| четврток, 6 декември 2018 |

Горан Пандев: Засега размислувам само за Галатасарај

Македонскиот фудбалер Горан Пандев најверојатно ќе остане во дресот на Галатасарај до крајот на сезоната и со тимот ќе се бори за шампионската титула во Турција. Тој во интервју за „CalcioNapoli24“, истакнува дека е среќен во Галатасарај.

– Се чувствувам добро. Тука сум веќе четири месеци, на почетокот беше потешко, имав одредени проблеми, но полека се привикнувам на новата средина, новиот начин на игра, новата држава каде сега живеам, Турција. Нешто поинаку е од Италија, но, полека се навикнав и се надевам дека ќе ја завршам сезоната во добар стил. На почетокот целиот тим имаше проблеми, имавме мака со повредите, но полека излеговме од кризата. Постигнав хет – трик во Купот на Турција, тоа е секогаш важно за еден напаѓач и се надевам дека ќе продолжам да играм уште подобро – вели Пандев.

Македонскиот ас потенцира дека досега немал контакти со Фиорентина и со Торино, иако посакува еден ден повторно да се врати во Серија А.

– Засега размислувам само за Галатасарај. Се уште имам договор за одработување со овој клуб. Еден ден се надевам дека ќе се вратам во Италија за да го постигнам и стотиот гол (н.з. има постигнато 99 погодоци во сите натпреварувања во Италија). Фиорентина и Торино? Тоа се два големи клуба за италијански рамки, но, искрено, немало ништо досега со нив. Не сум имал контакти со ниту еден човек од овие клубови, тука сум во Истанбул, фокусиран сум на тренинзите во Галатасарај, и среќен сум овде со своето семејство – вели меѓудругото Пандев во интервјуто за „CalcioNapoli24“.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top