| четврток, 6 декември 2018 |

Владата го усвои државниот испит на факултетите

Според предлогот, државниот испит ќе се полага четири пати годишно за да не се мешаат со редовните испитни сесии – на крајот на месеците февруари, април, август и ноември. Првите две полагања се бесплатни. Првата година ќе биде воведен како пилот-проект

studenti[18]

Нема да има два државни испита, туку еден во два дела – во втората и во завршната година, за да се растоварат и студентите и одборот за акредитација и евалуација. Ќе има пробен, пилот државен испит една година пред да се воведе на факултетите, соопшти министерот Абдилаќим Адеми на отворената владина седница.

– Втората година ќе бидат опфатени сите предмети кои до моментот на полагање ги има положено кандидатот, а вториот дел ќе биде во завршната и ќе бидат сите предмети кои не се опфатени во првиот дел на државниот испит. Ќе важи за студентите кои се запишале на прв односно на втор циклус, за студентите кои ќе се запишат во следната 2015/2016 академска година – рече Адеми.

Според предлогот, државниот испит ќе се полага четири пати годишно за да не се мешаат со редовните испитни сесии – на крајот на месеците февруари, април, август и ноември. Првите две полагања се бесплатни.

Државниот испит ќе содржи пет прашања, односно студии на случај од секој од задолжителните и изборните предмети. Нема да бидат опфатени 10-те отсто изборни предмети во рамки на универзитетот. Испитот ќе биде спроведен електронски, со базен на прашања.

Премиерот Никола Груевски истакна дека прашањата ќе бидат однапред познати и објавени. На предлог на универзитетите, прашањата ќе бидат предложени од самите професори, но ќе бидат селектирани од Одборот за акредитација и евалуација.

– Одборот, со експерти за секоја област, ќе може да додава прашања, но вкупниот број на прашања ќе бидат предложени од самите професори од содржините што тие ги предаваат, рече Адеми.

Покрај тоа што прашањата ќе ги прават факултетите, новина е и тоа што е намален од 70 на 60 процентот на точно одговорени прашања од вкупниот број предмети со кои испитот ќе се смета за положен.

– Државниот испит се смета за положен доколку студентот освоил најмалку 60 отсто од вкупниот број предвидени бодови за сите предмети. Државниот испит се смета за положен и ако студентот за 20 отсто од предметите постигнал најмалку 30 отсто од бодовите за секој предмет поединечно, но вкупниот збир на бодовите да не биде помалку од 60 отсто од вкупниот број предвидени бодови за сите предмети, рече Адеми.

Министерот рече дека и овој предлог – процентот на одговори да не биде ист за сите предмети, бил на универзитетите. Посочи дека тоа го прифатиле зашто сметаат дека е олеснително за студентите.

Новината ја појасни и премиерот Груевски. – Тоа значи, ако во прва и втора положат 15 испити, 20 отсто се три предмети. Значи кај три предмети 60 отсто од бодовите да ги освои, може да помине и со 30. Ако му се потешки или нема афинитети, а по сите други е одличен. Така што нема да му го сруши државниот испит, но сепак мора да има миниум знаење, додаде Груевски.

Процентот на одговори е намелен зашто, според професорите, студентите кои имаат оценка 6 со претходниот услов нема да го поминат испитот.

– Нам целта не ни е тоа, туку да мериме минимално знаење, да има знаење барем за 6. Тоа го прифативме, истакна Адеми.

Министерот на отворената владина седница информираше и дека во иднина ќе постои обврска за регистар на сите дипломирани во Македонија откога се отворени универзитетите.

– Ќе креираме пособен софтвер за овие податоци, а обврска на универзитетите е да ги доставуваат податоците за досегашните дипломирани и потоа да ги ажурираат. Ќе има и регистар на нострифицирани странски дипломи во Македонија, додаде Адеми.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top