Македонија е дел од изгубениот дел од националниот сон на Бугарија, ампутиран во 19-от век, оценува француската специјалистка за Балканот Надеж Рагару во интервјуто за парискиот весник „Ла Кроа“.
Весникот се осврнува на односите меѓу Македонија и Бугарија во контекст на комеморацијата на 70-годишнината од депортирањето на македонските Евреи, пренесува дописникот на МИА од Стразбур.
Весникот „Ла Кроа“ кој последниве години најчесто и објективно пишуваше за Македонија во Франција, потсетува дека полемиката меѓу Македонија и Бугарија се вжештила со наближувањето на 70-годишнината од депортацијата на 7.144 македонски Евреи, откако повеќе страни побараа од бугарските власти да направат историски гест и да изразат нешто повеќе од само „жалење“.
Францускиот политиколог и специјалистка за Балканот, Надеж Рагару, ја поздравува резолуцијата на Бугарскиот парламент, во која се осудува депортацијата на Евреите од окупираните територии. – Но, за оваа депортација, одговорноста и понатаму се префрла на нацистичка Германија. Во најновата резолуција се наоѓаат истите зборови на жалење што беа користени и во минатото. Всушност Бугарија не ја промени својата позиција, вели Рагару.
Покрај најавената заедничка комеморација на 13 март во Лом од страна на Бугарската влада на која се поканети и претставници на владите на Македонија и Грција, бугарските пратеници во декларацијата според анализата на Рагару, им испратиле предупрдување на соседите од Македонија „да не ја користата трагичната судбина на депортираните Евреи за деншени политички шпекулации“.
Во францускиот весник „Ла Кроа“, Рагару нагласува дека бројни се оние кои во Бугарија сметаат дека Македонците се млада нација создадена по 1944 година. Во Бугарија се слават повеќе национални херои кои во Македонија се слават како македонски, а на некои од бугарските политичари им смета политиката за афирмирање на македонскиот идентит започната по доаѓањето на владата на Никола Груевски во 2006 година.
На прашањето зошто Бугарија реагира толку жестоко на ова, Надеж Рагару одговара дека за Бугарија Македонија е дел од изгубениот дел од националниот сон на Бугарија, ампутиран во 19-от век.
– Бугарија, која е членка на ЕУ од 2007 година, смета дека сега располага со лост кој и дозволува да и објасни на меѓународната заедница една листа на поплаки, што не го олеснува почетокот на пристапните преговори на Македонија за членство во ЕУ. Охрабрува одлуката на двете држави кои започнаа разговори за решавање на нивните спорови, вели Рагару за весникот „Ла Кроа“
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.