Сместен во југоисточниот дел од Републиката, Радовиш е во центарот на Струмичко-радовишката Котлина. Градот е познат по црквата „Св Троица“, планината Плачковица, рудникот „Бучим“, радовишкиот самун….
Кога ќе прошетате низ Радовиш, ја чувствувате градската традиција, архитектура, занаетите низ радовишката чаршија, рударската традиција, која со години се негува овде. Но, во последниве години, велат радовишани, сето тоа недостига…Младите сѐ почесто заминуваат оттука. А градот Радовиш за првпат се споменува во 1019 година во Грамотата на византискиот цар Василие Втори, а така се викала и средновековната жупа, што покажува дека градската функција потекнува од средниот век. Во тоа време Радовиш претставувал значаен регионален трговско-занаетчиски и рударски центар. Името на Радовиш е поврзано со името на средновековната кнегиња од словенско потекло Рада, која живеела во тврдината над градот, чиишто урнатини сѐ уште постојат. Рада се вљубила во некое момче и со него скришно се среќавала на тврдината, постојано внимавајќи да не ги види некој. Кога од далеку ќе виделе дека некој наближува момчето велело: „Радо, виш (види) доаѓа некој!“ Во периодот на 14 век бил под власт на српските владејачи, а во 1361 година во него престојувал цар Урош.
И Евлија Челебија го споменува Радовиш во своите патописи. Тој запишал дека на овој простор имало ловиште и место за излети на кралот Радула, според кого градот подоцна го добил своето име.
Додека градот бил под турско ропство, во почетокот на 16 век, многу се населувале Јуруци – турско номадско племе, етничка група што и денес е присутна во Радовишко. Јуруците потекнуваат од турската област Конија. Во Македонија и на Балканот доаѓаат со освојувачките походи на османлиите. Јуруците, како сточари, биле задолжени за обезбедување храна за војската. Всушност, биле некој вид интенданти. Со време се населиле во високите планински предели, до денес останувајќи ѝ верни на традицијата.
– И денес, кога е пазарен ден во Радовиш може да ги најдете Јуруците. Кога ќе слезат од своите села за да продаваат од своите производи предизвикуваат внимание поради изгледот, специфичноста на носиите, на облеката… Некако се како амиши – ни велат радовишани.
Кон крајот на 18 век Радовиш бил гратче опколено од ѕид од стара тврдина, чиишто остатоци стојат и денес. Некогаш големиот пат од Поморавје преку Куманово, Овче Поле и Радовишко Поле преку Струмица водел до Солунски Залив и до Орфански Залив. Во 19 и во 20 век Радовиш и околината биле под влијание на историските настани поврзани со Разловечкото, Кресненското и Илинденското востание, потоа настаните од балканските војни, Првата и Втората светска војна и периодот по завршувањето на втората светска војна придонеле за денешниот изглед на Радовиш.
Заштитник на општината и градот Радовиш е светецот Спасо Радовишки. Празникот се чествува секоја година на 21 август во параклисот „Св. Спасо Радовишки“ на плоштадот во Радовиш.
Но, препознатлив белег на градот е, сепак. црквата „Светa Троица“, која е соборна црква во Радовиш. Сместена е на булеварот Александар Македонски, собира 600 верници и претставува еден од најубавите и најбогати православни храмови на Балканот и пошироко. Радовишани со почит говорат за неа и се гордеат.
Камен-темелникот за оваа црква беше поставен на 29 април 1997 година, а беше осветена на 12 октомври 2003 година, од архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан со сите архиереи на МПЦ-ОА. Ктитор на црквата е Ристо Гуштеров.
Импозантни се иконите на иконостасот, кои се дело на Кал’чев од Гевгелија, а фрескоживописот е дело на светски познатите мајстори од Украина: Димитри Нагурни, Владимир Недајборч, Виктор Блинов, Јура Левченко, Владимир Цах, Владимир Бовхун, Лариса Мишченко, Ѓеорги Журавски. Резбата е на тајфата на Владимир од Галич, Украина. Внатрешното сликање, мозаиците и резбата во период од 5 години го вршеле мајстори од Карпатите, голем број на сликари од Украина под раководство Ајндоли Кајдамака.
Црквата има елементи од сите македонски православни цркви, но и од цркви од Украина, Русија, Грција. Препознатливоста на стилот се состои во стилот на класичното и на модерното црковно сликарство, а впечатлив е иконописот на Данчо Кал’чев. Во внатрешноста се застапени елементи од античка Македонија, како ѕвездата од Кутлеш, лековите на Александар и на Филип Македонски. Иконостасот и столбовите се изработени од 24-каратно злато, а и камбанаријата во дворот на црквата има позлатен крст.
– Нас нѐ повика господин Ристо Гуштеров за да ја насликаме оваа негова црква, која откако ќе биде готова, ќе му ја подари на својот роден град Радовиш. Пред да почнеме да ја сликаме црквата, многу долго го разгледувавме фрескоживописот во Равена, православниот храм во Истанбул и црквите низ Македонија. Фреските ги работиме со еден модерен пристап, но се трудиме да ги задржиме канонските определби на византиското сликарство. За сите потребни работи околу канонското сликање се консултираме со д-р. Димитар Ќорнаков – вели Владимир Недајборч, професорот на киевската академија и еден од сликарите на црквата.
И трите камбани се специјално правени во Италија, ни рекоа во црквата.
Во близина на Радовиш се наоѓа планината Плачковица. Тоа е идеално место за развој на планински туризам. Го има највисокиот врв Лисец (1.754 метри надморска височина), кој е предизвик за многу планинари. Во чест на вредниот планинар од планинарското друштво „Бел Камен“ од Радовиш, Спасов Костаке – Цоцо се организира меморијален собир на планината Плачковица. Учесниците на собирот се искачуваат на највисокиот врв на планината Плачковица, врвот Лисец. Најчесто учествуваат околу 200 планинари и граѓани од Македонија, Бугарија и од Србија, од многу спортски клубови.
Овде, на Плачковица, во близина на селото Бучим, се наоѓа и рудникот за бакар „Бучим“.
– Рудникот „Бучим“ има резерви со бакар, злато и со сребро за наредниве шест години. Се прават геолошки испитувања за нови наоѓалишта. Планираме веќе од 2019 година да почне со работа новиот рудник кај локалитетот Кадица, кој се наоѓа на околу осум километри од сегашниот. Претпоставките се дека тука ќе има руда за уште дваесетина години ископ – велат од менаџментот.
Радовиш е познат и по својот специјалитет – самун. Последниве години манифестацијата „Самун ем татлија“, која е посветена на традиционалните специјалитети што го отсликуваат Радовиш и кои се симбол на кулинарството на радовишката кујна, привлекува многубројни туристи од земјава и од странство. Сомун, или самун по радовишки, е сличен на штипската пастрмалија или на велешката пита, а татлија е благ специјалитет од овој крај.
– Оригиналниот радовишки самун се прави со тесто и со телешко месо, саздрма, а пастрмалијата е само видоизменет самун – се шегуваат радовишани.
(Пишува: Невена Поповска
Текст објавен во 119. број на неделникот „Република“, 12.12.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Скандал до скандал во училиштето во Радовиш: Оџата во училиште го повикала директорката, чиј сопруг е секретар на општината
-
Националната телевизија од Естонија ќе снима репортажа за Македонија
-
Пожарникарите од Радовиш под истрага: Од противпожарната единица направиле коцкарница
-
Кривични пријави за пет лица од Радовиш: Краделе дрва и им се заканувале на шумарите дека ќе ги тепаат