Јогата е ефикасна во борба против срцевите болести, исто колку и аеробик вежбите, но научниците сѐ уште не знаат зошто е тоа така.
Иако некои луѓе мислат дека јогата воопшто не може да се смета за физичка вежба, оваа древна техника, која соединува физички, ментални и спиритуални елементи, има голема корист за човечкиот организам.
Истражувачки тим докажал дека јогата нуди подеднакво намалување на ризикот од срцеви болести, како и возењето велосипед и брзото одење, а помага и при регулирање на телесната тежина, крвниот притисок и холестеролот.
Група научници од САД и од Холандија спровеле големо истражување во кое биле опфатени вкупно 2.700 испитаници. Најдобри резултати во превенција и лекување на срцевите болести јогата имала во комбинација со лекови.
Професорката Мирјам Хунинг од Универзитетот во Ротердам, која е член на истражувачкиот тим, изјавила дека научниците ќе треба да најдат објаснување за оваа појава. Не е јасно зошто јогата така влијае врз човечкиот организам, ниту колку често е потребно да се вежба оваа дисциплина за да се почувствува корист.
– Сепак, резултатите несомнено докажуваат дека е корисна и, според мене вреди да се промовира како превентивно средство – истакна Хунинг.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.