На девет дена пред крајот на 2014 година Македонскиот народен театар (МНТ), на 22 декември, во 20 часот е закажана премиерата на претставата „Да тргнеме, сењор“, по текстот на Ана Ристоска, а во режија на младата Нела Витошевиќ.
Тескстот е посветен на починатиот актер Кирил Ристоски, татко на Ана Ристоска.
– Пред десет години, на почетокот на моите студии на драматургија, режисерот Владе Цветановски ми рече дека сака да го работи „Дон Кихот“ со татко ми и дека би сакал да ме вклучи и мене да направам драматизација. Тогаш не се чувстував дека можам да го направам тоа. Поминаа седум години додека тие го реализираа својот проект, без мене. На денот на нивната премиера на „Дон Кихот“ јас бев во Виена, не знаев дека ќе биде нивна последна. Чувството дека нешто им должам уште од пред десет години, не исчезна. „Дон Кихот“ е моја тема отсекогаш, го сакам како што се сака секој што се занимава со нашата професија во животот. По заминувањето на татко ми ми беше побаран текст за монографијата, не можев да го напишам. Сè уште често ме измачува тој последен ден и сите недоискажани работи. Го замислувам доцна во ноќта Санчо Панса како мал дебел човек штонезабележан од никого го спушта ридот. Зад него на коњ седи една преубава дама. Брзаат пред да ги затече сонцето и да го објави новиот ден. Каде одат? Кај својт сењор – вели во писмената изјава Ристоска.
Во претставата играат Игор Ангелов, Драгана Костадиновска, Дениз Абдула, Ивица Димитријевиќ, Софиа Насевска-Трифуновска, Катина Иванова и Александар Ѓорѓиевски. Изборот на музиката е на Витошевиќ.
– Драго ми е што годината ја завршуваме со премиера на претстава што ја режира Витошевиќ. Првично беше планирано претставата да оди на малата сцена, но потоа се договоривме да биде поставена на големата сцена – вели директорот на МНТ, Дејан Лилиќ.
Ристоска и Витошевиќ се колешки од студентските денови.
– Особено ми е драго што работам текст на македонски автор и мислам дека треба да се негува македонската драматургија и да се развива. Ристоска пишува специфично. Таа живее во Виена и тоа има влијание во нејзиниот начин на пишување. Таа не располага со големи наративи, обработува интимни приказни на мали луѓе. Тоа е европски тренд во моментов – вели Витошевиќ.
Актерите денеска на прес-конфренцијата по повод премиерата одиграа и една сцена од претставата.
– И нашава претстава обработува неколку интимни приказни, на луѓе од секојдневниот живот, и на едноставен начин побудува силни емоции. Претставата има поетичен тон, зборува за смртта, но преку славење на животот. Ова е интимна приказна на Ана, врзана за нејзиниот живот – рече Витошевиќ.
Витошевиќ повторно соработува со Ангелов, Костадиновска и со Абдула.
– Со нив работевме на неколку проекти, заедно се развиваме. Познат ни е јазикот – вели Витошевиќ.
Оваа претстава имаше неколку работни наслови, но на крај беше одлучено за „Да тргнеме, сењор“.
– Ова е само продолжение на сето она што сме го работеле со Витошевиќ. Имам чувство дека колку повеќе зборувам, помалку ќе кажам. Едвај чекам публиката да ја види претставата – изјави Ангелов, кој го толкува главниот лик, таткото, Дон Кихот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.