Создавањето европски центар за распределба на гас на границата меѓу Турција и Грција, ќе зависи од европските партнери, а Русија е подготвена да работи во таа насока, изјави рускиот претседател Владимир Путин на денешната годишна прес-конференција.
– Тоа не зависи од нас. Тоа во голема мера зависи и од нашите европски партнери. Сакаат да имаат стабилни, загарантирани и апсолутно јасни испораки на енергетски ресурси од Русија без никакви транзитни ризици? Прекрасно! Тогаш можеме да го обезбедиме тоа – изјави Владимир Путин.
Тој додаде дека тоа може да се реализира преку Грција во Македонија.
– Одлично, тогаш ние ќе работиме, може преку Грција да дојдеме и до Македонија, може натаму да влеземе во Србија, пак да стигнеме во Баумгартен (центар за гас) во Австрија. Ако не сакаат, нема – рече рускиот претседател.
Што се однесува до Турција, Путин изјави дека економијата на оваа држава забрзано расте и дека таа има зголемени потреби од ресурси.
– Сега Турците поставуваат прашање за испораки и во внатрешноста на државата. Зар можеме да ги одбиеме? Ние имаме договори околу цената и рокот на испорака. Ние знаеме за нивните потреби – додаде Путин.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.