Ако баба лаже, рог не – вели старата народна поговорка. Стево Пендаровски, кандидатот за претседател на Македонија од здружената опозиција на последните избори, во Охрид ја искритикува владината делегација што отпатувала до Саудиска Арабијa.
16 премиери трчаат по кинескиот премиер, го влечат за рака, буквално, за да можат дел од таа нивна голема економска енергија и потенцијал, да ја искористат за инвестиции во својата земја. Само нашиве двајца први луѓе во Владата со денови одат и договараат со Саудиска Арабија инвестиции. Почитувани пријатели да знаете, Саудиска Арабија извезува само две работи во светот, нафта и вахабизам. Мене ме интересира што од тоа имаат договорено да го увеземе? – рече Пендаровски
Македонската Влада беше во Саудиска Арабија, но беше и во Белград. Пристигнаа добри најави од Саудиска Арабија и многу конкретни проекти о Белград. Македонскиот премиер Никола Груевски во Белград присуствуваше на средба со 17 премиери, каде имаше и свое обраќање. Тој оствари поединечни средби со премиерот на Народна Република Кина, со српскиот премиер, со својот унгарски колега. Земјава потпиша договор за царинско олеснување со Кина,Србија и Унгарија. На средбата со кинескиот премиер, според она што пристигна како информација од Белград, се зборувало за конкретни проекти од инфратруктура, за туризам,енергетика, инвестиции во Македонија.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан по средбата посочи дека Унгарија има морална обврска да ја поддржува Македонија во евроатланските интеграциски процеси и дека е недопустливо земја како Македонија која има добри резултати и прави огромен напредок во последните неколку години сѐ уште да не е прифатена како членка на Европската унија и НАТО. На средбата било разговарано за различни прашања и инфраструктурни проекти, како и за соработката во иднина.
По средбата со кинескиот премиер Ли Кечијанг беше потенцирано дека две кинески компании се сериозно заинтересирани за изградба на голема кланица и цементрарница во Македонија, а постои и интерес за реализација на енергетски проекти.
– На средбата ги реафирмиравме проектите што ги отворивме минатата година од кои едниот е градба на голема фарма и кланица за која оттогаш до сега голема кинеска компанија дојде три пати во Македонија и ги разгледуваше сите можности. Прават анализи и засега се со позитивен впечаток, но останува да видиме дали ќе дојде до финализирање. И лани, а особено сега покажаа огромен интерес за градба на цементарница. Премиерот побара и да се забрзаат разговорите околу тоа, изјави премиерот Груевски по билатералната средба, нагласувајќи дека се заблагодарил за поддршката на Кина за градбата на автопатите Кичево-Охрид и Скопје – Штип.
Но за Пендаровски ништо од ова не е познато. Очигледно политиката ја следи селективно. Доказ за тоа е и неговиот став и неговото мислење за Саудиска Арабија. за него тоа е земја која може да извезува само две работи – нафта и вахабизам. Се работи за земја која е најголем извозник на нафта, водечка земја во ОПЕК, а саудискиот фонд за развој, со чиј директор се сретна премиерот Никола Груевски, инвестира во инфраструктурни проекти во 80 различни држави.
Саудиска Арабија е земја што ја посетиле многу светски политичари. Годинава во оваа земја отпатува и претседателот на САД, Барак Обама. Во посета на оваа земја биле и рускиот претседател Владимир Путин, германската канцеларка Ангела Меркел, францускиот претседател Франсоа Оланд, државниот секретар на САД Џон Кери, јапонскиот премиер Шинзо Абе, поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони, британскиот премиер Дејвид Камерон и многу други.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.