| четврток, 6 декември 2018 |

Пијанистката Марија Николовска ја доби највисоката награда во Јапонија

Марија Николовска од Факултетот за музичка уметност во Скопје и единствен претставник од Европа ја доби највисоката награда на меѓународен натпревар во Јапонија …

Марија Николовска, студентка по пијано на втора година од вокално – инструменталниот оддел на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на доц. д-р Кристина Светиева, освои прва награда во категоријата за солисти, на „Кјушу интернационалниот музички натпревар за музика од Ј.С. Бах“ (Kyushu International J.S. Bach Music Competition).

Натпреварот се одржа на 6 и 7 декември во градот Куруме – Фукуока, Јапонија. Натпреварувањето се одвиваше во две етапи со исклучително голем број учесници од Јапонија и од Јужна Кореја. Во групата од 30 натпреварувачи, Марија Николовска беше единствен претставник од Европа. Во финалната етапа таа се претстави со Токатата бр. 5 во е-мол од Ј. С. Бах со која го воодушеви деветчленото жири, составено од еминентни професори од Јапонија, Јужна Кореа и Бугарија, меѓу кои и проф. Ју Јанг Мок – декан на Музичката академија при Универзитетот од Сувон во Јужна Кореја.

Настапот на Марија Николовска беше издвоен како најдобар во категоријата за солисти, со посебна пофалба од професорите Томока и Мамору Каишиге за нејзиниот богат тонски колорит при изведбата на Баховата Токата. Ова високо меѓународно признание за Марија Николовска претставува голем поттик за нејзината понатамошна уметничка едукација, а Факултетот за музичка уметност од Скопје се здоби со значајна афирмација на азискиот континент.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top