Кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за Велес, Славчо Чадиев, најави нови проекти во спортот и во иднина. Во неговата изборна програма е предвидена и изградба на кошаркарски игралишта на плочата кај „Симпо“ и плочата кај Општина.
– На плочата кај „Симпо“ ќе биде изграден модерен спортски комплекс со четири кошаркарски игралишта. Проектот ќе опфати поставување нова подлога, обележување на терените, осветлување, поставување жичена ограда и слично – истакна Чадиев.
На плочата кај Општината ќе биде изградено кошаркарско игралиште со нова подлога и жичена ограда. Парите ќе бидат обезбедени од буџетот на Општина Велес, а почетокот на реализацијата би бил оваа година. Ова се само дел од 18-те проекти опфатени во програмата на Чадиев, а се во делот на спортот и младите.
– Во изминатите шест години двојно се зголемија средствата што Општината ги доделува на спортските клубови, изградено е помошно фудбалско игралиште во градскиот парк, а привршува изградбата и на две нови модерни тениски игралишта, нова сала за пинг-понг во ЈП „Парк спорт“, нова сала за аеробик во ЈП „Парк спорт“, изградба и реконструкција на патека за кајак во Вардар, реконструкција на спортски терен „Тунел“, на фудбалското игралиште во населба Превалец, поранешното кошаркарско игралиште за одбојка на песок, како и на игралиштето кај поранешното училиште „Јордан Хаџиконстантинов-Џинот“ и уште многу други проекти – изјави Чадиев.
Носителот на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ за Велес, Александар Колев, кој денеска, исто така, одржа прес-конференција, рече дека е неодговорна и потценувачка најавата на кандидатот за градоначалник на СДСМ, Аце Коцевски, дека за три дена ќе напише програма.
– Неодговорниот пристап кон граѓаните Коцевски веќе го докажа тогаш кога требаше да избере меѓу интересите на граѓаните и кариерата на Бранко Црвенковски. Наместо програма, идеи и проекти за потребите на граѓаните и развојот на Велес, Коцевски избра отпор и бојкот во интерес на кариерата на Бранко Црвенковски – изјави носителот на советничката група.
Колев потсети дека СДСМ во Велес по десетти пат на граѓаните им го нуди двоецот Ацо Коцевски и Пецо Стојановски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.